„Само најсекси маж кој постои“ – Џули Џејмс

Тејлор Донован е млада, успешна адвокатка која си ја обожава својата професија. Во судницата, таа никогаш не дозволува нејзината спротивна странка да ја фати во небрано. Во љубовта, таа никогаш не дозволува некој да ја врти околу малиот прст – дури ни нејзиниот поранешен свршеник. А кога адвокатската канцеларија каде што работи ќе ѝ додели несекојдневна задача – таа е подготвена за предизвикот. Најпосакуваниот актер Џејсон Ендрус снима филм, а за потребите на неговата улога, потребни му се консултации со адвокат. Шармантен и неодолив, Џејсон е навикнат да добива што и да посака, па одеднаш е ставен на непозната територија – тврдоглавата и истрајна Тејлор не планира да му се покори само затоа што е најсекси маж што постои. Незаинтересирана за неговите достигнувања, се чини дека ништо во животот на Џејсон не може да ја импресионира. Но сепак, нејзината професионалност ќе биде ставена на тест.

Ова е втора книга од Џули Џејмс која ја читам, и тоа во прилично краток период, така што знаев што да очекувам и каков е нејзиниот стил на пишување. За нијанса, оваа ми се допадна малку повеќе од „Мојот личен ФБИ агент“ – не можам да посочам поради кои причини поточно, но ете, некако ми беше посимпатична. Иако го очекував спротивното, бидејќи „Мојот личен ФБИ агент“ беше комбинација со крими-елементи, па така беше малку поблиску до она што јас генерално најмногу сакам да го читам. Сепак, оваа од мене ќе добие повисока оценка.
Брзо и лесно се чита, интересна е и успеа 100% да ми го задржи вниманието. Многу ми се допадна хуморот и сите досетливи, саркастични реплики, дури и по неколку пати се враќав за да ги препрочитам 😀
Сигурно ќе продолжам и понатаму со книгите на Џули Џејмс, особено кога ќе бидам расположена за чик-лит што ќе ме насмее и релаксира 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...