Нови книги кои ќе бидат издадени во месец август

Август е дефинитивно месец на трилери, со оглед на тоа дека ме пречекаа само и единствено такви наслови во моето поштенско сандаче 🙂 Одбрав три кои ме заинтригираа доволно за да ги споделам со вас.

Outfox – Sandra Brown
најавен датум на објавување: 6 август
ФБИ агентот, Дрекс Истон, во својата работа воден е од една и единствена цел: да го надмудри познатиот измамник Вестон Греам, кој во текот на изминатите триесет години, криејќи се зад многу имиња и маски, измамил осум богати жени по што тие исчезнале без трага. Единствената заедничка особина кај жртвите е тоа што имале нов човек во нивниот живот, кој исто така исчезнува без никаква трага…
Дрекс е убеден дека овие жени се убиени и дека мажот што тој го познава како Вестон Греам е социопат кој стои зад сето тоа. Но, секогаш кога е блиску да го фати, Вестон повторно исчезнува.
Атрактивен и шармантен, Џеспер Форд неодамна е во брак со успешна жена во деловниот свет, Талија Шафер. Дрекс полека им се приближува, претставувајќи се како нов сосед и поставува камери во нивната куќа. Колку е поблиску до брачниот пар, толку поубедлив станува дека Џеспер е умниот и безмилосен предатор кој тој го бара. Ова е шанса Дрекс да ја спроведе правдата еднаш засекогаш. Единствено треба да утврди дали привлечната Талија му е соучесник, или можеби следната жртва.

Сандра Браун е доста познато име меѓу писателите на трилери и многу често се одлучувам за нејзини книги, бидејќи досега нема книга која не ми се допаднала, помалку или повеќе. Само што, повеќето книги на Браун ми се слични една на друга, но можеби ќе се одлучам за оваа кога ќе бидам расположена за нејзиниот стил на пишување.

The Passengers – John Marrs
најавен датум на објавување: 27 август
Замислете ја следната сцена: се возите во вашиот автомобил кога одеднаш се заклучуваат вратите, се менува правецот на движење, а вие ја губите целата контрола. Потоа, еден мистериозен глас ви кажува: „Ти ќе умреш“.
Кога некој ќе ги хакира системите во осум автомобили, нивните патници се заробени и во опасност. Патниците се: телевизиска ѕвезда, бремена млада жена, воен инвалид, жена која бега од нејзиниот сопруг кој ја малтретирал, илегален имигрант, двајцата сопружници и нивните две деца кои патуваат во одделни возила и маж кој сака да се самоубие. Од камерите скриени во нивните автомобили, нивната паника се пренесува на милиони луѓе кои ги гледаат низ целиот свет. Сега јавноста треба да реши – кој да преживее, а кој да умре.

Од Џон Марс досега ја имам прочитано само „Вистинскиот“ и ми се допадна, а и оваа нова негова книга ми делува како нешто необично и интересно и сигурно ќе ѝ дадам шанса 🙂

The Family Upstairs – Lisa Jewell
најавен датум на објавување: 8 август
Мислеше дека тие ќе останат само за викенд. Изгледаа доволно безопасно – со само два куфери и мачка во плетена кошница. Но, наскоро работите стануваат многу, многу мрачни. Сè се случува бавно, но сепак исклучително брзо. Сега ти и твојата сестра мора да најдете начин да преживеете…

Имам забележано дека често пишувам за новите книги на Лиса, но одамна немам прочитано нешто нејзино 😀 Кратката содржина на Goodreads е навистина кратка, па имагинацијата мора да ми биде голема за да имам претстава што ќе се случува – а ако настаните се движат во оној правец кој го замислувам, тогаш ова ќе биде добра книга 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...