Black Friday шопинг на книги

За љубителите на книги, Black Friday е одлична можност да се збогати домашната библиотека 🙂 Оваа година, петочните попусти не ги искористив за ништо друго освен за книги. Притоа морам да ги пофалам нашите книжарници, бидејќи имаа толку добри понуди, што навистина тешко се одлучив која од нив да ја посетам. После детално и внимателно разгледување на понудите на интернет, решив тоа да бидат книжарница Три и Антолог, од каде, рака на срце, немам одамна купено некоја книга. Откако прочитав кратка содржина, како и коментари и оценки од широката читателска дружина на Goodreads, составив листа на книги кои сакам да ги купам. За жал, не успеав да ги најдам сите, но сепак не останав со празни раце 😀

1. „Црна и сребрена“ – Паоло Џордано
Ова беше првата книга по која посегнав додека го разгледував каталогот на Три. Не знам дали беше заради насловот, корицата, или пак  фактот дека во прашање е италијански писател, ама нешто ми кажуваше дека ќе ми се допадне.

2. „Ништо“ – Кармен Лафорет
Со ваква корица и под овој наслов, книгава воопшто не ми го привлече вниманието, сè додека не сфатив дека токму оваа книга веќе некое време стои на мојата to-read листа. Само што, под наслов “Nada” и со малку помистериозна корица, делува многу попривлечно 🙂 Да не бидам погрешно сфатена, тоа не е единствената причина зошто ја одбрав, туку удел имаа и препораките за неа.

3. „Господарот“ – Колм Тојбин
За оваа книга малку бев скептична, но ми се чини дека никогаш немам видено книга со толку многу петки на Goodreads. Средната оценка не е повисока од четворка, но сите тие позитивни коментари ме натераа да ја одберам, иако мислам дека не е my cup of tea. Останува да видиме 🙂

4. „Чудовиштето доаѓа“ – Патрик Нес
Од сите книги напишани од Патрик Нес, оваа има највисока оценка. И тоа доста солидна. Иако некако полека им откажувам љубов на YA книгите, сепак доволно ме заинтригира со кратката содржина и фактот дека се работи за хорор приказна.

5. „Жената во кафезот“ – Јуси Адлер-Олсен
Шопинг на книги без ниту еден трилер на листата? – Не бидува 🙂 Откако одбрав неколку книги од Три, преминав на Антолог, а оваа беше првата што ја одбрав. Знам дека е дел од серијал, но ова е првиот дел, а ако ми се допадне доволно, ќе ги прочитам и наредните продолженија. Колку што видов, по неа е сниман и филм, што исто така имаше удел кон тоа да ја купам.

6. „Убиство во библиотеката“ – Џорџе Арион
Мислам дека по самиот наслов можете да заклучите зошто сум ја одбрала оваа книга 😀 Имаше доста високи оценки на Goodreads, а освен тоа, сакав да се подновам со уште еден трилер.

7. „Спиј“ – Анелис Вербеке
Книгава најпрво ме привлече со корицата, потоа и со кратката содржина, а коментарите и препораките беа плус причина да ја одберам 🙂 Мислам дека би била одличен подарок за една моја многу драга личност, но сакам прво да ја прочитам, а потоа да купам уште еден примерок кој ќе ѝ го подарам 😉

Би можело да ти се допадне и ова...