Светски рекорди поврзани со книгите
Рекордите за во Гинисовата книга отсекогаш ми биле забавни и интересни, особено затоа што ќе сретнете толку многу категории за кои не сте ни помислиле дека можат да постојат 😀 Овојпат решив да ги пребарам светските рекорди поврзани со книгите 🙂
Најмладиот човек кој објавил книга
На четиригодишна возраст, кога многу деца не можат ниту да читаат, а уште помалку да напишат книга, Дороти Стрејт напишала приказна за нејзината баба. Откако нејзините родители ја испратиле до издавачката куќа Pantheon Books, истата била објавена во 1964 година, кога Дороти имала 6 години. Книгата го носи насловот “How the World Began”, а целата идеја дошла од упорните прашања на малото девојче за тоа како настанал светот. Јасно е дека родителите на Дороти имале големо влијание во креирање на книгата, но некои од нејзините идеи се резултат на она што го научила во градинка.
Најстариот човек кој објавил книга
Никогаш не е доцна за да ги реализирате вашите цели и замисли 🙂 На 90 годишна возраст, Берта Вуд започнала да ја пишува книгата “Fresh Air and Fun: The Story of a Blackpool Holiday Camp”, која била објавена кога таа наполнила 100 години.
Најмногу книги потпишани од еден писател
Промовирајќи некоја своја нова книга, многу писатели одат на турнеи каде меѓудругото, потпишуваат и по стотици примероци од книгата. Рекордот за најмногу потпишани книги го држи Орин Вудворд, кој во 2014 година потпишал дури 6786 копии од неговата книга “And Justice For All”.
Најпродавана книга во првите 24 часа по издавањето
Со оглед на тоа дека Џ.К.Ролинг е една од најпродаваните писатели на денешницата, не е ни чудо што рекордот за најпродаваната книга во првите 24 часа е токму еден дел од серијалот за Хари Потер. “Harry Potter and the Deathly Hallows” е книга од која во првиот ден по издавањето биле продадени неверојатни 8.3 милиони копии, односно 345.833 копии на секој час.
Најголемата приватна колекција на книги
Џон Бенхам од Индијана ја има најверојатно најголемата домашна библиотека која брои повеќе од 1.5 милиони книги. Колку и да ја посакувам оваа импресивна бројка од книги, не можам ниту да замислам каде би ги сместила 😀 На Џон му била потребна двокатка куќа и дури 6 гаражи, а дел од книгите ги чувал и на отворено.
Најдолгото јавно читање
Олавунми Бајоде од Нигерија е неверојатен човек кој минатата година го скрши рекордот во најдолго јавно читање – тој непрекинато читал вкупно 122 часа (5 дена), со тоа што на секои 24 часа правел двочасовна пауза.
Најпреведуван писател на странски јазици
Пиедесталот во оваа категорија убедливо го држи Агата Кристи, чии книги досега доживеале 7.233 преводи од англиски јазик. Една од нејзините најпреведувани книги е мистериозната приказна за „Убиство во Ориент експрес“.