Омилени писатели и не толку омилени книги

Колку што го мразам прашањето „Која ти е омилена книга?“ и притоа сметам дека не треба да му се постави на ниту еден верен љубител на читањето, веројатно исто толку не го сакам изборот на „Омилен писател“, особено затоа што сакам да читам различни жанрови, па бесполезно е да сместите писатели со сосема различен стил на пишување во некаков шаблон и да ги оцените по точно утврдени критериуми.

Сепак, има писатели чии книги ги одбирам секогаш кога едноставно немам никаква идеја за тоа што да читам. Тоа се писатели на кои им поклонувам доверба и посегнувам по нивните книги веднаш штом ќе видам дека стојат зад конкретен наслов, дури и без да ја прочитам кратката содржина. Писатели на чии книги секогаш некако несвесно им давам некој поен плус, само затоа што нивните имиња стојат на корицата.
Меѓутоа, некогаш се случува таа доверба што ја имам да биде изневерена, па по неколку прекрасни прочитани книги, да завршам со некоја ужасна за која буквално се прашувам како е можно да е напишана од истиот писател. Со секоја прочитана книга која од мене добила висока оценка, очекувањата ми стануваат сè повисоки, па оттаму и разочарувањето кога некоја книга нема да ги исполни.

Лиен Мориарти и Колин Хувер се писателки кои држат солидна бројка од мојата листа на прочитани книги, па до некаде е сосема оправдано што некои нивни наслови од мене добиле само две ѕвездички. Со оглед на тоа дека лесно оставам книги кои не ми се допаѓаат, би рекла дека единственото нешто кое ја држело мојата љубопитност на некое ниво во текот на читањето, е фактот дека токму нивниот потпис стои на крајот од приказната. Едноставно кажано, сум имала верба дека и покрај моменталните импресии, нешто ќе ме остави без зборови и толку ќе успее да ме изненади, што при самиот расплет ќе си ја потврдам онаа позната изрека дека крајот го краси делото. Сепак, не е секогаш баш така.

Ќе почнам со една книга која имаше многу голем потенцијал и навистина ми е жал што така неславно заврши на мојата листа со прочитани книги.

Три брачни парови, три слатки деца и едно мало куче. Долгогодишни пријатели и соседи кои по некаков сплет на околности, го поминуваат денот заедно, правејќи скара. Она што требало да биде само еден обичен ручек, прераснува во нешто поради кое сите зажалуваат што воопшто решиле да го поминат денот заедно. Се случува таков ужас, кој одеднаш ќе им го смени животот на секој од нив. Пријателствата се раскинуваат, браковите се разнишуваат, а траумите од тој ден ги гонат…

Како може една ваква предизвикувачка кратка содржина и привлечен наслов да прераснат во тотално фијаско? Ни самата не би можела да ви објаснам. Книгава всушност имаше сè што еден бестселер го бара, вклучително и звучно име на писателот кој стои зад неа. И како што прекрасната, минималистичка корица го следи препознатливиот стил на Мориарти, така очекував дека тоа ќе се случи и со приказната. Но, останав разочарана. Она што почна како загадочна приказна која крие некој неверојатен, шокирачки настан, на крајот толку многу се одолговлечи, што искрено изгубив желба да дознаам што воопшто се случило. Книгата всушност се вртеше само околу трауматичниот настан, како тоа да беше единствената потпора на која се држеше целата приказна. Заинтересираноста на почетокот ми беше навистина голема, дури и самата се обидував да одгатнам што се случило и имав милион претпоставки во глава. Но, со секое наредно поглавје, интересот ми спласнуваше сè повеќе, за на крајот веќе да ми биде сеедно како ќе заврши. Она што дополнително ме разочара беше самата завршница – долгоочекуваниот настан сам по себе не беше ниту шокантен, ниту неверојатен, туку само смешен.

Уште една интересна корица и позната писателка, ама книга која мене воопшто не ми се допадна. Ја раскажува приказната за Мерит, која живее во едно многу необично семејство, сместено во реконструирана црква. Нејзината мајка живее во подрумот, се плаши да излезе надвор и постојано е на антидепресиви. Нејзиниот татко е во брак со поранешната медицинска сестра на мајка ѝ, која со себе во куќата го донела и нејзиниот помал син. Мерит има и сестра близначка, покрај која не се чувствува толку убава и совршена. Особено не кога момчето кое ѝ се допаѓа, ќе ја бакне само затоа што ќе помисли дека таа е нејзината сестра.

Ако кратката содржина ви делуваше хаотично, тоа е идеалната претстава која треба да ја имате за книгава. Верувајте дека се обидов што поедноставно да ја објаснам, но не постои друг начин. Како што приказните за секој лик поединечно се конфузни сами по себе, така и темите кои Хувер сакала да ги обработи се хаотични и како необработени докрај. Додека ја читав, постојано се трудев да им давам поголемо значење на работите кои ми се допаѓаа во книгата, наспроти оние кои ме тераа да превртувам очи. Дури си помислив дека можеби проблемот е до мојата перцепција и дека е време да се откажам од YA книгите, но откако ги прочитав коментарите на Goodreads, видов дека и многумина други го делат истото мислење како мене. Покрај книги од Хувер кои ме оставиле во солзи, оваа од мене ја доби најниската оценка и ја сместувам меѓу најниско оценетите книги кои сум ги прочитала воопшто.

И покрај тоа што овојпат упатив многу критики на нивна сметка, морам да кажам дека после споменатите две книги, не престанав да ја читам Хувер, а уште помалку Мориарти. Сè уште се одлучувам за нивните книги, а нивните наслови редовно ја пополнуваат мојата листа на прочитани книги.

Ако на писателите гледаме како на добри пријатели со кои се дружиме преку нивните книги, би рекла дека секој од нив кој некогаш ја заработил нашата доверба, треба да добие втора шанса и покрај тоа што еднаш нè разочарал 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...