Саем на книга со (не)саемски цени

Вчера заврши Саемот на книга кој за прв пат беше одржан на отворено, па после разгледување на сите понуди на нашите издавачки куќи, следење на насловите со кои се подновија читателите и коментарите во врска со цените на книгите, решив да сумирам неколку работи и да ги споделам тука 🙂

Од старт ќе кажам дека јас не сум од оние читатели кои од Саемот на книга излегуваат со десетици книги. Досега повеќе пати имам кажано дека јас саемот во суштина најмногу го сакам бидејќи тогаш имам вистинска можност да ги посетам штандовите на оние издавачки куќи кои немаат свои книжарници. Што се однесува до купувањето книги – тоа го правам во континуитет и вообичаено користам други попусти кои ги има во текот на годината, како Среќна среда, Black Friday, новогодишни, осмомартовски, роденденски попусти и слично, а тука дополнително доаѓаат и попустите од картичките кои ги имаат некои издавачи. Ако на пример ги споредам цените на книгите за време на тие попусти, со оние на саемот, ќе забележам дека веројатно поисплатливо е да се подновите со книги кога ќе начекате некоја акција, а (скоро) сите книжарници редовно имаат по некоја таква. Со тоа што, предноста на саемот е тоа што помалку или повеќе, попуст имате на сите наслови, додека пак за време на попустите кои ги наведов, вообичаено (но не е правило) има ограничувања на конкретни наслови.

Е сега, малку да позборуваме за саемските цени. Помалку или повеќе – попуст имаше. Веројатно за тоа дали сте се вратиле среќни од саемот, зависи и од тоа на кои штандови сте застанале за да ја подновите вашата домашна библиотека. Некои издавачки куќи нудеа книги по навистина ниски цени и грев би било да генерализираме и сите да ги ставиме во ист кош. Па така, имаше книги за 100 или 150 денари, меѓу кои можеше да се најдат интересни наслови, само прашање е што сакате да читате. Исто така, имаше издавачи кај кои можеше да се забележи голема разлика на редовните и саемските цени. Сепак, ќе се сложам дека имаше и издавачки куќи чии книги баш и не го добија посакуваниот попуст и кај кои забележав дека саемските цени беа повисоки од оние кои ги имале за време на некоја акција.

Често читам и слушам споредби за нашиот Саем на книга со саемите во соседството, на пример Србија, но тука морам да го кажам следното. И јас би сакала да се враќам од нашиот саем со количка полна со книги, но рака на срце, не би можела нашите цени толку бегло да ги споредам со српските, без притоа да имам неколку работи на ум. Верувајте ми дека многу добро знам колку чини да се издаде една книга во Македонија и искрено кажано, цената не е нималку ниска. Дури кога некогаш ќе начекам навистина „багателни“ цени на одредени книги, си се прашувам каде им е ќарот на издавачите и дали можеби одат во минус само за да расчистат со некои изданија. Кога ќе видите некоја цена на книга, секогаш земете предвид што сè спаѓа во неа – откупување авторски права, плаќање на преведувач, лектор, дизајн, печатење, достава, даноци, трошоци при продажба (без разлика дали е тоа преку своја или туѓа книжарница, или пак онлајн) и еден куп други трошоци кои се неизбежни за една книга да доживее и македонско издание. Притоа, секогаш треба да се има на ум дека сосема нормално, во зависност од тиражот ќе зависи и која ќе биде производната цена на книгата по парче. Поголем тираж – помал трошок по книга. Ние имаме релативно мали тиражи и најголемиот број на примероци на некој наслов кој јас го имам сретнато во книгите бил 1000. Кога зборуваме за тиражот, во Србија на пример, оваа бројка (особено за популарните книги) е многу повисока, бидејќи српскиот пазар е многу поголем. Српски книги се читаат и кај нас (и тоа многу) и ми се чини дека нема некоја наша книжарница во која, меѓудругото, нема да најдете и српски изданија. Оттука, навистина би било нефер да правиме едноставна, праволиниска споредба на цените на двата пазари. Генерално земено, ќе заклучам дека иако имаме релативно скапи цени на книги, сепак секогаш може да се начекаат одлични попусти при кои можете да се подновите со нови наслови, само треба да ги следите издавачите и она што го нудат.

Од саемските цени годинава не сум изненадена, бидејќи и никогаш не сум имала високи очекувања и не сум го чекала саемот за да изнакупам книги. Но, ќе споменам нешто друго кое не ми се допадна кај некои издавачки куќи, а тоа е неажурноста. Навистина повеќето издавачи навремено ги објавија нивните каталози, па читателите можеа да ја видат целата понуда и да си направат листа на книги кои планираат да ги купат, бидејќи нели, на пазарење не се оди без список, секогаш нешто се заборава 😀 Но, имаше и такви издавачи кои доцнеа и каталогот го објавија дури 2 дена откако саемот веќе почна. Не знам од кои причини, но мислам дека тоа е голем минус, особено затоа што благодарение на денешната онлајн комуникација, издавачите имаат многу добри можности да ги промовираат нивните изданија за истите да дојдат до што е можно поголем број на читатели.

Би можело да ти се допадне и ова...