“Winter in Paradise” – Elin Hilderbrand

Еден телефонски повик на самата новогодишна ноќ, ќе донесе многу лоши вести за семејството Стил. Ирина дознава дека нејзиниот сопруг Рас загинал во хеликоптерска несреќа, близу еден од островите на Карибите. Неможејќи да се соземе од целиот шок што го доживува, таа најпрво им се јавува на нејзините синови, Кеш и Бејкер, по што решаваат заедно да заминат на местото на несреќата.
Тие не можат да разберат што барал нивниот татко на тој остров, уште помалку, зошто неговото тело е кремирано веднаш по несреќата. За да биде изненадувањето уште поголемо, откако ќе пристигнат на прекрасниот остров тие дознаваат дека Рас водел двоен живот. Додека дома живеел скромно со своето семејство и често патувал заради работата, Рас на островот поседувал огромна вила вредна милиони долари. И… имал друго семејство.

Ова е втора книга од Елин Хилдербранд која сум ја прочитала (покрај Winter Street) и оваа ми се допадна за нијанса повеќе од претходната. Иако на Goodreads не запираат позитивните импресии од книгава, јас имам еден тон забелешки заради кои од мене доби некоја просечна оценка.
Приказната не беше лоша, дури би рекла дека и начинот на раскажување беше задоволителен, но не знам од која причина, дијалозите беа ужасни. Покрај тоа што цело време беа he said/she said, на моменти беа многу… резервирани и дистанцирани, а на моменти работите се одвиваа пребрзо.
Ликовите би рекла дека помалку или повеќе беа добро прикажани, и на сите подеднакво им беше дадено место во приказната. Никој конкретно од нив не ми се допадна многу, но тоа не го земам како минус.
Сосема очекувано – на крајот од книгата некои работи останаа нерасчистени, со оглед на тоа дека ова е прва книга од најавената трилогија која потоа ќе продолжи со раскажување на приказната. Сепак, прилично сум сигурна дека нема да продолжувам понатаму со серијалот Paradise.

Би можело да ти се допадне и ова...