“Rebecca” – Daphne du Maurier

Дејствието во овој роман се одвива во Монте Карло, каде угледниот вдовец Максим де Винтер ѝ нуди брак на својата млада љубовница. Како сиромашена слугинка која работи за богато семејство, таа не може да поверува во нејзината среќа. Сепак, кога ќе пристигне на големиот имот на нејзиниот нов сопруг, таа сфаќа дека сенката на неговата покојна жена секаде ја прогонува и се заканува да го уништи нивниот брак.

Кога би ја опишала книгава со три збора, тоа би биле: мрачна, ладна и мистериозна.

Прво морам да кажам дека бев изненадена кога видов кога е издадена, некако имав впечаток дека е напишана во 19ти век. Можеби самиот стил ме асоцираше на тоа, а можеби и поради фактот дека главната улога ја има моќна жена која влијае врз животот на нејзиниот сопруг дури и по нејзината смрт. Имаше некои белези типични за класиците.

Мислам дека никогаш немам читано книга во која главната улога ја има лик кој воопшто не се ни појавува во тековните настани. И мене токму тоа ми беше најинтересно. Ме фасцинираше начинот на кој можев да го почувствувам нејзиното присуство преку нејзиното отсуство (колку и да звучи чудно). Имав чувство дека Ребека диши преку секое ќоше на дворецот. Дефинитивно ќе ми остане како еден од омилените ликови од книги. Во првата половина на книгата ми остави впечаток на ладнокрвна жена желна за моќ, ама веќе потоа, кога се разрешува приказната, сфатив колку всушност била брилијантна.

Што се однесува до останатите ликови, ми се чини дека на дворецот Manderley му беше дадено поголемо значење отколку на било кој друг лик. Толку добро беше опишан, што додека ја читав книгава мислев дека сум таму. Секој агол, секој звук и мирис можев да го почувствувам.

Некако, ми недостасуваше малку повеќе опис на новата сопруга на Максим (на која не ѝ го дознавме ни името). Не можев да ја комплетирам сликата за неа. Но, од друга страна, можеби и подобро е така. Можеби подобро што авторот ни ја претставил само како млада и ранлива девојка, за да се добие чувството дека нејзиниот лик е засенет од ликот на Ребека. Дека живее во сенката на Ребека.

Стилот на пишување ми беше прекрасен! Иако јас преферирам книги со малку побрзо темпо на одвивање на настаните и малку повеќе напнатост, ми се допадна. Зборовите беа толку внимателно одбрани, што ми личеа на бисери нанижани на ѓердан 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...