„Убиство во библиотеката“ – Џорџе Арион

По една ноќ на која не се сеќава ништо, новинарот Андреј Младин наоѓа труп во својата библиотека. Не може да сфати како безживотното тело се нашло таму или кои се луѓето што учествувале во оваа збрка, по која се уништени дел од неговите записи, ниту пак како теговите (кои главно ги користел за да ги импресионира гостинките) се претвориле во оружје. Младин ја отфрла улогата на осомничен и решава да стане детектив. Првиот чекор што го презема е навраќање на минатото, за кое не знае дали ќе го расветли убиството, но барем ќе се присети како го сретнал Валентин, кого подоцна ќе го пронајде мртов во работната соба.

Не се сеќавам дали ја прочитав кратката содржина на книгава кога ја купував, но се сомневам, или пак можеби не сум ја прочитала крајната реченица на задната корица, па оттаму имав поинаква замисла за стилот на кој е напишана. Кога почнав да ја читам, барем судејќи по насловот и корицата, очекував напнат и сериозен трилер, па сосема очекувано останав изненадена кога видов дека е проткаена со многу хумор и иронија 😀 Книгава најлесно би ја опишала ако ви кажам дека во текот на читањето, целото дејствие од „Убиство во библиотеката“ си го замислував на театарска сцена. Имав чувство дека следам некоја театарска претстава, со сериозна тема, која попатно ја засмејува публиката. Сериозно, мислам дека ова е првата ваква книга на која сум се смеела 😀 Прочитав дека е снимен филм по неа, но јас навистина мислам дека би била одлична театарска претстава.
Џорџе Арион има многу интересен стил на пишување, кој ќе разберам дека можеби нема да му се допадне секому, но мене ме освои. Речениците се кратки, има брзо темпо на настаните и постојано нешто се случува. Можеби требаше од самиот старт да ги забележувам интересните цитати, ама еве во прилог еден кој рандом го одбрав, чисто за да добиете впечаток за каков стил се работи:
„Колку што можам да разберам, лежам во болнички кревет. Ѕидовите имаат заслепувачка белина. Низ отворениот прозорец се гледаат гранките на едно дрво и парче небо без облаци. Челото ми е заврзано во турбан од завои. Браќа мои, белки не преминав во ислам без да бидам свесен за тоа?“

Откако ја прочитав книгата, малку истражував за неа и за самиот автор, па некои работи ми станаа појасни и ги сврзав откако прочитав дека е критика на владеењето на Чаушеску, напишана во 1983 година.
Пофалби за Антолог и нивниот превод, досега ме немаат разочарано. Претпоставувам дека не било баш лесно да се преведат сите разговорни изрази, ама според мене баш соодветно беа пренесени и уживав во читањето 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...