The Other Daughter – Shalini Boland

Две и пол годишната Холи игра среќно во розова пластична куќичка, додека во нејзина непосредна близина мајка ѝ Рејчел пие кафе и разговара со пријателка. Ова требаше да биде еден сосема обичен ден за сите. Но, дур да трепнат, се претвора во најлошиот кошмар кој може да му се случи на едно семејство.
Холи е грабната од непознато лице и никогаш не е пронајдена.

Девет години подоцна, Рејчел живее мирен живот во Дорсет. Таа секојдневно се обидува да се одржува во живот после тој трауматичен ден кога ја изгубила најстарата ќерка. Таа има ново семејство, нов партнер, а нејзините тајни се затворени во болното минато.
Сè до едно попладне кога Рејчел ќе се сретне со Кејт која е мајка на новото девојче во училиштето, Бела. Светот на Рејчел веднаш се врти наопаку – Бела е нејзината изгубена ќерка! Таа толку личи на неа, а и годините соодветствуваат на возраста која би ја имала Холи. Рејчел е решена да си ја врати нејзината ќерка назад.

Знам дека кратката содржина можеби не делува толку оригинално, барем за мене, бидејќи не е прва книга со ваква (или многу слична) тема која ја имам прочитано. Сепак, нешто ме натера да посегнам по оваа книга. Раскажана е во две временски рамки – периодот на грабнувањето и периодот 9 години подоцна. Имам кажано и претходно дека ми се допаѓа ваквиот начин на раскажување кога следиме две различни ситуации кои постепено заеднички ја градат приказната и на крајот се спојуваат во една точка.

Книгата брзо се чита, не е развлечена, нема застој на настаните, дури би рекла дека имаше потенцијал за да биде распослана на повеќе страници, а со тоа и приказната и ликовите да добијат поголема длабочина. Ете тука ќе ја вметнам првата забелешка – ми недостасуваше малку простор да се поврзам со приказната на Рејчел. Нејзината загуба, најголемиот кошмар за една мајка – да остане без своето дете и да не знае што му се случило. Да лута, да ја бара, а на крајот да се обвинува себеси за тоа што се случило. Вообичаено лесно се соживувам со судбината на ликовите, но овде како да немаше време за сето тоа, од што летавме низ настаните за да дојдеме до расплетот. Кога веќе ја споменав Рејчел како лик, на моменти ја сожалував, на моменти ме нервираше со тоа што претера во некои постапки, но на крајот, навистина не би можела да ја осудам за сè што направи и можеби и јас би го сторила истото да бев на нејзино место. А што се однесува до останатите ликови – некако беа површни, еднодимензионални и не толку во фокусот на самата приказна. Па затоа и не би можела да ги анализирам и оценам.

Иако крајот беше едно од можните сценарија кои ги имав во глава, сепак, генерално не би ја оценила како предвидлива. Но, ќе кажам дека позадината на расплетот ми беше нешто веќе видено и не толку оригинално.

На крај од мене доби средна оценка.

Би можело да ти се допадне и ова...