„Вагонот со сираци“ – Пам Џеноф

Сместена во периодот за време на Втората Светска војна, „Вагонот со сираци“ ја раскажува приказната за шеснаесетгодишната Ноа која ја бркаат од дома откако останува трудна од германски војник и ја принудуваат да се откаже од бебето. Немајќи друг избор, таа живее во мала железничка станица, каде што работи како чистачка за да си го заслужи престојот. Кога Ноа наоѓа вагон со бебиња Еврејчиња товарени за патување до некој концентрационен логор, одеднаш се потсетува на детето што ѝ било одземено. Импулсивно грабнува едно од бебиња и бега во ноќта, и тој момент засекогаш ќе ѝ го промени текот на животот. Ноа наоѓа засолниште во германски циркус, но мора да научи да изведува точки на летечки трапез за да се вклопи и да не биде забележана од непријателот, а со ова ѝ боде око на главната акробатка, Астрид. Ноа и Астрид најпрво се ривалки, но набрзо се зближуваат како сестри. Меѓутоа, војната е премногу опасна за сите во циркус кој крие Евреи, па Ноа и Астрид мора да решат дали нивното пријателство ќе биде доволно за да ги спаси – или тајните што горат помеѓу нив ќе уништат сè.

Ова ми е прва прочитана книга од Пам Џеноф, која знам дека е мошне популарна писателка кај македонската читателска публика и неколку нејзини книги се преведени на македонски јазик во издание на Сакам книги. Искрено кажано, ја немав прочитано ниту кратката содржина кога ја одбрав книгава, туку се раководев по првичната замисла која воглавно ја имав добиено од насловот, корицата и препораките. Единствено знаев дека дејствието се одвива за време на Втората Светска војна, а за сè останато – оставив да бидам изненадена.

Имам прочитано многу историски книги на оваа тема, но ете, иако секогаш мислам дека некоја од нив ќе ми наликува на друга, вистината е дека секоја ми била посебна на свој начин, секоја од нив допирала до овој мрачен период од историјата од поинаква перспектива и секоја ја памтам. Конкретно оваа, ја доловува војната преку окото на циркузот кој постојано патува од едно место во друго, во обид за преживување.
Многу ми се допадна тонот на кој беше раскажана приказната – беше одмерен и смирен, но истовремено моќен да допре до вас преку трагичните судбини на луѓето заглавени во војната. Ликовите ми беа многу допадливи, особено Ноа и Астрид, иако беа сосема различни како карактери. Ноа беше топла и можеби навидум кревка, но многу храбра и силна. Од друга страна, Астрид беше студена, строга и принципиелна, но позади таквата фасада се криеше жена која поминала низ многу загуби во животот. Лесно се поврзав не само со нив две, туку и со останатите ликови и се соживеав со она што им се случуваше. Како и јас самата да го држев здивот заедно со нив секогаш кога постоеше блиска опасност.

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека посакував поинаков крај – тука ќе застанам, бидејќи не сакам да откријам премногу од завршницата. А што се однесува до Пам Џеноф, веднаш по оваа книга продолжив со „Изгубените девојки во Париз“ 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...