“Silver Bay” – Jojo Moyes
Кетлин е 76 годишна старица која целиот свој живот е позната како the shark girl, бидејќи во нејзината младост самата успеала да собори ајкула во австралијанските води. Оттогаш, хотелот на малиот залив кој го поседувало нејзиното семејство, станало позната локација за престој на туристи.
Обидувајќи се да побегне од минатото кое ја прогонува, нејзината внука Лајза го наоѓа мирот и спокојството на недопрените плажи на заливот каде се наоѓа хотелот. Заедно со нејзината малечка ќерка Хана, тие две таму отпочнуваат нов живот, трудејќи се да заборават на болката од она што го преживеале. Полека почнуваат да ја наоѓаат слободата и сигурноста во синилото на океанот, грижејќи се за китовите и подводните животни. Сè додека не се појави Англичанецот Мајк. Тој навидум е само обичен гостин во хотелот, но има скриени намери.
Свесна сум дека после “Me Before You” веројатно никогаш нема да прочитам нешто подобро од Џоџо Мојес, но сепак им давам шанса на нејзините книги, па така беше и овојпат.
Ова беше една сосема пристојна приказна сместена во едно мало гратче на заливот, каде речиси ништо не се случува. Низ раскажувањето се запознаваме со неговите убавини, спокојот и мирот кој го нуди и допирот со природата и подводниот свет. Приказната е украсена со убави цитати, топли ликови и малку хумор. Сè на сè ми се допадна, барем многу повеќе од “One Plus One”.
Имам и замерки за книгата, кои вака кога ќе ги наредам овде, се чинат премногу за трите ѕвездички кои ѝ ги дадов 😀 Некои од ликовите ми беа малку недоволно обработени, еднодимензионални, запознавме само една нивна страна, а сакав да видам и нешто малку повеќе од нив. Приказната генерално се движи со малку побавно темпо, за што реално нема да ѝ дадам минус, но од друга страна некои работи премногу брзо се разрешија, а беа од големо значење. Баш онаму каде што очекував да се случи некоја драма, заплетот се отплетка додека да трепнеш. Веројатно Мојес не сакала дополнително да ја оптеретува приказната, но ете јас повеќе акцент би ставила на некои настани низ кои само прелетавме во текот на читањето. И секако – тука е таа инстант љубов на која јас искрено не сум голем љубител…
Жал ми е што не можев да ги забележам цитатите кои ми се допаднаа, но веројатно тоа е една од маните на слушањето аудио книги 🙂
И покрај забелешките, на крајот сепак ѝ дадов три ѕвездички, затоа што мислам дека две ќе беа премалку, барем споредбено со другите книги кои сум ги оценила со двојка 🙂