Well Met – Jen DeLuca

По една тешка сообраќајна несреќа, со цел да ѝ помогне на нејзината сестра која е самохрана мајка, Емили се преселува во нивното мало гратче каде се обидува да преземе голем дел од обврските на сестра ѝ. Меѓу другите работи, тоа подразбира и волонтирање во организирањето на локалниот панаѓур кој е прилично важна работа во гратчето. Таму таа го запознава Сајмон – строгиот наставник задолжен за волонтерите, кој се чини дека има прилично добро утврдени принципи од кои не сака никој да отстапува. Почетокот на нивното запознавање, не е баш најдобро. Сајмон смета дека Емили е несериозна, а таа пак не може да сфати зошто се крева толку голема прашина дури и околу најмалата ситница.
Но, полека, Емили ја дознава вистинската приказна која се крие зад целиот панаѓур и почнува да омекнува спрема Сајмон. Особено, откако во претставата која заедно ја играат, тој ќе почне да флертува со неа. Таа не е сигурна дали сето тоа е глума поради самата претстава, или сепак нешто се случува меѓу нив…

Чик-лит како по упатство 🙂 Вака би ја опишала книгава со една реченица. Буквално имав чувство дека додека ја пишувала, Џен се служела со некаков прирачник за пишување вакви книги и одела дел по дел, точка по точка, обидувајќи се да ги запази сите наведени елементи – а со оглед на тоа дека ова е нејзин дебитантски роман, можеби и навистина не сум далеку од вистината 🙂 Па така, имате допадливи ликови, скоро без никаква мана, згоден дечко со остар карактер, мила девојка по малку изгубена во животот, имате лошо запознавање кое полека почнува да преминува во нешто друго, па некаде кон средина на втората половина имате уште еден заплет, за на крајот коцкичките да си се наредат на своето место. Секој нареден чекор го знаев и го очекував.
Да се разбереме, книгава и не е дека беше лоша, иако можеби предвидлива. Мене ми беше забавна, особено кога бирам аудио книги за слушање сакам да одберам нешто полежерно што ќе ми биде лесно за следење додека обавувам некакви други обврски. Така што, оваа книга си го заврши својот дел од работата во однос на тоа, а од мене доби три ѕвездички.

Ако сте расположени за лесна, шармантна приказна – ова е книгата за вас.

Би можело да ти се допадне и ова...