Нови книги во нашата библиотека

„Среќна среда“ во Култура, „Будни со книга“ во Матица и едно случајно поминување во Сакам книги, резултираше со неколку нови наслови во нашата домашна библиотека, кои решив да ги споделам со вас 🙂 Овојпат и мојот сопруг реши да замеша прсти, па еве што одбравме 😀

Ќе почнам со „Сосед од пеколот“ – книга која ја купив без многу размислување, еден малку тмурен ден, кога не ми беа сите овци на број 😀 Во такви денови, сакам да си купам нешто за да се расположам, па тој ден решив да поминам во Сакам книги и да си одберам некој нов наслов. Се двоумев околу неколку, а на крајот по сугестија и препорака ја одбрав оваа. Единствено што знам е дека е во стилот на Џули Џејмс, барем така ми беше претставена, така што барем знам што отприлика да очекувам.

Следна книга која ја купив беше „Никој не знае за нас“ – книга која ја одбрав на попустот за „Среќна среда“ во Култура. Од трите понудени наслови некако оваа најмногу ме привлече, само што малку бев скептична, бидејќи не успевав да најдам информации на Goodreads на англиски јазик, со оглед на тоа дека оригиналот е на италијански. Така што, не можев да прочитам многу коментари и критики околу книгава, но решив да ја послушам интуицијата. Многу ми е мило што потоа добив препорака за овој наслов, така што верувам дека не сум згрешила и веќе ми е следна книга на листа за читање.

Vajza e letrës (албанската верзија на „Девојката од хартија“) беше избор на мојот сопруг, откако доби препорака од мене додека ги разгледувавме книгите на Мисо. Не знам албански, но ја препознав корицата бидејќи е потполно иста со нашата, па му ја препорачав, бидејќи мене лично ми се допадна. Ме изненади тоа што е многу пообемна од македонското издание, скоро двојно повеќе 🙂 Но, верувам дека тоа се должи на самото „пакување“ на книгата – фонтот, проредот и слично.

На крајот следеше попустот во Матица, кои објавија убав каталог со интересни наслови и солидни цени. Прв наслов што ми падна во очи беше „Крадецот на кафето“, можеби поради насловот и корицата, што мене како голем љубител на кафе веќе ме освоија од старт 🙂 Кратката содржина дополнително ме убеди да ја купам. „Заговорот Моцарт“ ми беше следниот избор и според приказната ми личеше на нешто кое би ми се допаднало и мене, но и на мојата посилна половина 🙂 Кога веќе тргнав со трилерите, „Мраз студено“ ја запишав на листата по неколку препораки кои ги добив за неа, а „Паднатите ангели“ беше избор направен во последен момент, по препорака на вработената во Матица 🙂

Нека почне есента, спремни сме!

Би можело да ти се допадне и ова...