“Copycat” – Alex Lake

Сара е психијатар кој живее во едно мало гратче со својот сопруг и три деца. Нејзиниот мирен и хармоничен живот ќе добие пресврт кога таа на фејсбук ќе открие нејзин лажен профил кој е преполн со слики и објави од нејзиното секојдневие, за кои таа не ни знае дека постојат. Некој упорно ја следи каде и да оди, ја фотографира, испраќа мејлови од нејзино име и порачува книги за ментални болести од нејзиниот Амазон акаунт. Работите излегуваат од контрола кога некој ќе почне да остава пораки во нејзино име со нејзиниот ракопис, што ќе го разниша нејзиниот брак, пријателствата, за во еден момент Сара да почне да се сомнева самата во себе.

Очекував дека книгава ќе биде од оние што ќе ме остават без спиење, затоа што не ќе можам да ја испуштам од раце. Испадна да го развлечкам читањето и едвај да соберам сили да ја дочитам. Ме изненадија високите оценки на Goodreads, па затоа и очекувањата ми беа високи. Ама на крајот ме разочара.

Идејата не е толку лоша, впрочем, покрај високата оценка ме привлече и кратката содржина, ама сепак реализацијата беше промашена. Беше некако… усилена. Имав чувство како неизвесноста да е вештачки наметната, како кога мали деца сакаш да ги заинтересираш со некоја приказна – е баш такво беше раскажувањето. Некои работи дури и премногу се повторуваа, до степен кога веќе наместо интригантни, беа крајно иритантни. Ликовите беа загрижувачки прости и наивни. Прави идиоти! Да биде иронијата поголема, додека во текот на целата приказна беа clueless за сè што се случува, после во буквално една секунда како да се просветлија, па ги решија проблемите во две-три страни… Крајот сосема очекуван, веќе видено, ни трошка од оригиналност. Интересот за книгава ми замре уште во првата третина од неа, а неизвесноста падна во првата половина, кога веќе знаев кој стои зад сите сплетки и претпоставував како ќе заврши.

Не знам зошто трошев време да ја прочитам и зошто упорно ѝ давав шанса на книгава. Лесно ги оставам книгите што не ми се допаѓаат, ама ете, изгледа овојпат мислев дека оваа ќе ме изненади позитивно, дека нешто ќе се смени, дека и покрај идиотските ликови и лошиот начин на раскажување, ќе има нешто што ќе ми се допадне. Сепак, не беше така.

Би можело да ти се допадне и ова...