„Играта на ангелот“ – Карлос Руиз Зафон
Барселона – дваесеттите години на минатиот век. Во турбулентното време во кое животот е тежок и неизвесен, младиот писател Давид Мартин заработува за живот пишувајќи сензационални романи под псевдоним. Со лузни од едно несреќно детство, по што продолжува да го мачи недозволената љубов, Давид го наоѓа своето засолниште во светот на книгите и времето го поминува читајќи и пишувајќи приказни за подземниот свет на градот. Еден ден добива понуда од мистериозен издавач да напише книга каква што никогаш не била напишана, книга која ќе има моќ да ги смени срцата и умовите на луѓето. За возврат, тој ќе добие непроценливо богатство, а можеби и нешто повеќе… Низ контактот со таинствениот издавач, Давид се заплеткува во мрачна приказна што била почната пред многу години, а колку повеќе се обидува да се извлече од комплицираната ситуација во која се наоѓа, толку повеќе станува дел од низа трагични случувања.
Иако е второ продолжение од серијалот „Гробиштата на заборавените книги“, „Играта на ангелот“ всушност зборува за настани кои им претходат на оние во „Сенка на ветрот“, но јас би рекла да ги читате онака како што ги замислил Зафон, си има тој причини за тоа 🙂 Ако досега сте ме читале на мојов блог, веројатно знаете дека имам некое посебно чувство кон него како писател, па колку и да има мани некоја книга, некако замижувам пред сето тоа.
А ако некогаш сте го читале Зафон, особено во „Сенка на ветрот“, тогаш можам само да ви кажам дека и во ова второ продолжение не изостануваат веќе препознатливите белези на неговото пишување – загадочна приказна, комплексни ликови, богат јазик и неверојатен начин на раскажување кој едноставно те поведува во самата приказна. Признавам дека го развлеков читањето, дури и премногу, но тоа никако не треба да го сфатите како резултат на недостиг на желба за книгата. Само ете, околностите беа такви, макар што и бездруго јас читањето на Зафон секогаш си го замислувам како јадење превкусна, чоколадна торта – постојано сакаш залак повеќе, но знаеш дека го имаш само тоа едно парче, па сакаш вкусот да потрае 😀 Неговите книги и не се некои низ кои човек треба да прелетува од еден на друг ред, баш напротив – треба да си дозволи да го впие секој збор. Затоа што таков е неговиот начин на пишување.
Што се однесува до самата приказна, би го рекла следното – порано не верував дека постои човек кому нема да му се допаднат книгите на Зафон, дури се чудев кога за прв пат налетав на коментар на некој читател дека „Сенка на ветрот“ не ја дочитал, бидејќи не му се допаѓала. Искрено кажано, можеби сега имам малку поинаква перцепција на работите и дури можам да разберам зошто некому не би му се допаднал неговиот стил на пишување. Доколку никогаш го немате читано, јас само би ве посоветувала да му дадете шанса. Можеби нема да ви се допадне, но можеби и ќе добиете нов омилен писател 🙂
Во текот на читањето постојано си ги бележев цитатите кои ми оставија впечаток, па овде ќе споделам дел од нив:
„Човек не знае што е тоа жед сè додека не се напие првпат.“
„Зрак бела светлина го распара небото и покривка исткаена од капки дожд се истури како рој стаклени ножови.“
„Дури и најлошите вести донесуваат олеснување кога се само потврда на нешто што човек веќе го знаел, и против својата волја.“
„Секоја можност за бизнис почнува со неспособноста на другите да решат едноставен, но неизбежен проблем.“
„Човекот не е сосем свесен за алчноста што се крие во неговото срце сè додека не го чуе слаткото тропање на парите во џебот.“
„Знаете ли што е најдобро кај скршените срца?“ праша библиотекарката.
Одмавнав со главата.
„Тоа што еднаш можат навистина да се скршат. Сè друго е гребнатинки.“
„Може да се преобрати само грешникот, никогаш светецот.“
„Времето лекува сè, помислив јас, освен вистината.“
„Ништо не е поубедливо од стравот, од извесноста дека сме во опасност. Кога се чувствуваме како жртви, сите наши дејствија и верувања стануваат оправдани, колку и да се неправилни.“
„Книгите се единственото нешто на овој свет што не го краде никој.“
„Цел живот чувствував дека страниците што ги оставам зад себе се дел од мене. Нормалните луѓе донесуваат на светов деца, а ние, писателите, донесуваме книги.“
„Влегов во книжарницата и го вдишав мирисот на хартија и магија што, не знам како, сè уште никој не се сетил да го спакува во шишенце.“
„Злобата го замаглуваше огорчувањето, а болката ја затвораше вратата на свеста.“
„Од каде сакате да почнам?“
„Вие сте раскажувач. Само ве молам да ми ја кажете вистината.“
„Не знам што е вистината.“
„Вистината е тоа што боли.“
„Ова место е тајна. Светилиште. Секоја книга, секоја тетратка што ја гледаш, има душа. Душата на оној што ја напишал, и душите на тие што ја прочитале, и кои живееле и сонувале со неа. Секогаш кога некоја книга го менува сопственикот, секогаш кога некој се лизга со погледот по нејзините страници, нејзиниот дух расте и се засилува. На ова место засекогаш живеат книгите на кои веќе не се сеќава никој, книгите што се загубиле во времето. Чекајќи еден ден да дојдат во рацете на некој нов читател, на некоја нова душа…“