Мојата книга на годината за 2019: „Образована“ – Тара Вестовер
Тара Вестовер има 17 години кога за прв пат стапнува во училница. Родена во високите планини на Ајдахо, таа целото свое детство се подготвува за крајот на светот преку складирање на конзерви со праски. Нејзините летни денови се резервирани за мешање на различни билки за нејзината мајка која е акушерка и исцелителка, а зимата ја поминува во отпадот на нејзиниот татко.
Татко ѝ не ја сака модерната медицина, па Тара никогаш не стапнала во болница, ниту видела вистински лекар или медицинска сестра. Сите повреди кај многучленото семејство Вестовер, без разлика колку сериозни, биле третирани од билки и природни лекови. Ниту едно од седумте деца не оди на училиште, нема формално образование, ниту извод од матичната книга на родените. И никој од родителите не интервенира кога еден од постарите браќа на Тара станува насилен…
Немајќи никаква основа, Тара започнува да се бори за образование. Таа самата учи доволно математика и граматика за да биде примена на универзитет, каде почнува да учи историја и за прв пат се инфомира за многу важни случувања во светот, како Холокаустот и движењата за граѓански права. Нејзината потрага по знаење ја трансформира, ја носи преку океан, на друг континент, а таа успева да стигне до престижни универзитети како Харвард и Кембриџ. И токму тогаш, кога таа стигнува далеку од планините на Ајдахо, се прашува дали сè уште може да го пронајде патот до својот дом…
Вообичаено немам проблем со тоа да напишам забелешка за некоја книга, затоа што секогаш знам што имам да кажам, но овојпат не знам од каде точно да почнам, затоа што имам толку многу што да напишам. Книгава е ПРЕКРАСНА! Ја одбирам како моја книга на годината за 2019 и несебично ѝ давам една од петките кои ретко ги делам. Ова беше втората автобиографија која ја читам, покрај Becoming на Мишел Обама и дефинитивно сфатив дека можеби треба повеќе шанса да им давам на ваквите книги, без разлика на тоа што многу скептично им приоѓам.
Educated веќе некое време ми излегуваше во предлозите на Goodreads, а водена по многуте позитивни коментари, високата оценка и фактот дека е избрана за најдобра книга во категоријата Автобиографии за минатата година, беа доволни причини да ја одберам. Во неа, Тара започнува да ја раскажува нејзината приказна: нејзиното детство и првите сеќавања од скромниот живот; големото религиозно семејство во кое расте – заедница во која Бог е на прво место; воспитувањето дека училиштето е начин на која Владата ги контролира работите и им ги „пере“ мозоците на учениците; невербата во модерната медицина… сите оние радикални размислувања на родителите на Тара кои ја изолирале во голема мера. Кога таа самата почнува да учи алгебра, нејзиниот татко ѝ дава поголеми задачи околу домот за да ѝ го одвлече вниманието и енергијата. Кога за прв пат ќе стави кармин и ќе пројави љубопитство кон нејзиниот изглед, нејзиниот брат почнува да ја навредува со секакви зборови, да ја малтретира физички и психички, со цел да не дозволи таа да скршне од правилниот пат. Впрочем, сите постапки во ова семејство се чинат направени од добра намера…
Тара е решена да се образува, макар и да му се спротивстави на нејзиното семејство за таа цел, па и дури и да ги разниша нивните меѓусебни односи. Во услови без никаква морална, ниту финансиска поддршка, Тара е присилена да работи сè и сешто, да штеди како знае и умее, дури и по цена на сопственото здравје. Но, успева. Колеџот претставува вистински пресврт во нејзиниот живот, место на кое учи толку многу нешта на кои никој никогаш (или некој некогаш погрешно) ја научил. Таму за прв пат учи многу работи, кои веќе би требало да ги знае, плашејќи се да праша, бидејќи тоа само би било доказ дека таа не припаѓа таму. Таму за прв пат учи како да учи и да научи. Без никаква основа и навика за учење, таа е изгубена во целиот систем кој ѝ е целосно туѓ и непознат. Таму за прв пат пробува кафе – никогаш претходно во животот не пиела кафе, бидејќи тоа е забрането од црквата. Таму стекнува и хигиенски навики, наспроти она на што ја учел нејзиниот татко.
Нејзиното семејство не само што не го поддржува нејзиниот нов начин на живот, туку и се обидуваат да ја одвратат од целата идеја. Но, таа е упорна, макар и засекогаш да ги прекине контактите со нејзиното семејство. А нејзината упорност, ја крунисува со PhD диплома.
Книгава ми предизвика таква бура од емоции, од горчина и бес, до топлина што ми ја исполни душата за сè што направи Тара. Ми се допадна сè, од почеток до крај. Приказната, самиот начин на раскажување кој беше толку прекрасен, многуте цитати кои ми се чини дека засекогаш ќе ми останат врежани во умот, па дури и корицата ми се допадна. Книгава едноставно беше the whole package! Ме натера да размислам за тоа до каде може да те доведе упорноста, без разлика на тоа која е твојата појдовна точка. Ми покажа дека образованието е привилегија, и тоа привилегија која всушност ја немаат многумина.
И секако дека откако ја дочитав книгата ги изгледав сите можни интервјуа со Тара на интернет, вклучително и оние со Елен, Опра и Бил Гејтс. Ова е книга која за брзо време стана бестселер, а Обама ја стави на листата на најдобри прочитани книги за време на летниот период.
Мислам дека сето погоренаведено е сосема доволно за да се одлучите да ја прочитате книгава, а ако не успеав да ве убедам, тогаш можеби за тоа ќе помогне еден сосема мал дел од многуте цитати, дадени во продолжение 🙂
“You can love someone and still choose to say goodbye to them,” she says now. “You can miss a person every day, and still be glad that they are no longer in your life.”
“The thing about having a mental breakdown is that no matter how obvious it is that you’re having one, it is somehow not obvious to you. I’m fine, you think. So what if I watched TV for twenty-four straight hours yesterday. I’m not falling apart. I’m just lazy. Why it’s better to think yourself lazy than think yourself in distress, I’m not sure. But it was better. More than better: it was vital.”
“It’s strange how you give the people you love so much power over you.”
“Everything I had worked for, all my years of study, had been to purchase for myself this one privilege: to see and experience more truths than those given to me by my father, and to use those truths to construct my own mind. I had come to believe that the ability to evaluate many ideas, many histories, many points of view, was at the heart of what it means to self-create. If I yielded now, I would lose more than an argument. I would lose custody of my own mind. This was the price I was being asked to pay, I understood that now. What my father wanted to cast from me wasn’t a demon: it was me.”
“Curiosity is a luxury for the financially secure.”
“I began to experience the most powerful advantage of money: the ability to think of things besides money.”
“Choices, numberless as grains of sand, had layered and compressed, coalescing into sediment, then into rock, until all was set in stone.”
“I could tolerate any form of cruelty better than kindness. Praise was a poison to me; I choked on it.”
Update: Книгата е преведена на македонски јазик од Издавачки центар Три.