Мојата книга на годината за 2018: „Дете 44“ – Том Роб Смит

Иако 2018-та сè уште не е завршена, ќе си дозволам да ја прогласам книгава за најдобра што сум ја прочитала оваа година и, можеби малку песимистички, да верувам дека сепак нема да прочитам подобра 🙂

Во Советскиот Сојуз на Сталин не постои такво нешто како злосторство. А милиони луѓе сепак живеат во страв. Најмал сомнеж за нелојалност или погрешен збор кажан во погрешно време може да осуди невина личност на смрт. Лео Демидов, воен херој со прекрасна сопруга и идеалист, живее во луксуз во Москва и верува дека помага во создавањето на совршено општество. Негова цел е да ѝ служи на Државата. Меѓутоа, по погубувањето на еден невин човек, Лео почнува да се сомнева, а набрзо добива наредба под исто сомнение да спроведе истрага и за својата сопруга, Раиса. Тој е принуден да донесе одлука на чија страна е.
Тогаш се случува невозможното. Во земјата во која „не постои злосторство“ се појавува сериски убиец на деца кој остава крвава, перверзна трага низ целата држава. Но како да се фати ова чудовиште во држава која воопшто не сака да признае дека такво нешто е можно? Лео почнува своја истрага…

Ова е една од оние книги за кои сум си рекла: Добро, зошто досега не сум ја прочитала? Толку долго ја имав на листата за читање, за конечно да ја купам на почетокот од годинава, ама да ја прочитам дури сега. Кога веќе почнав да тонам во страниците, го користев буквално секој слободен момент за да ја земам во раце и да продолжам да уживам во неизвесната приказна. Редовно читам трилери, ама долго време бев „гладна“ за некој добар, квалитетен трилер што ќе ме остави без сон. Со „Дете 44“ токму тоа го добив.
Раскажувањето беше толку неверојатно, што имав чувство дека гледам сцени од филм! Нетрпеливо трчав низ страниците, шарајќи со погледот низ речениците, љубопитна да дознаам што ќе се случи понатаму. Сцените беа неизвесни, напнати, на моменти и многу морбидни, па ќе ви треба јак стомак за да ги „сварите“. Она што не го знаев пред да ја прочитам книгава е тоа дека е инспирирана од вистински настани, што дополнително ѝ даде жичка на морничавост.
Толку реално беше доловен животот во тогашна Русија, маките на народот, стравот од сталиновиот режим, борбата за опстанок во таква сурова сиромаштија, што премногу се соживеав со судбините на ликовите. Како и јас самата да живеев и дишев преку нивните приказни. Кога сум веќе кај ликовите, морам да кажам дека ми беа многу допадливи – Лео со неговата таинственост, воздржаност и посветеност, вистински послушник на државата, но сепак доволно храбар за да се спротивстави на режимот и да ги следи своите верувања. Раиса, која верно го следи во секој чекор, умна и подеднакво силна како Лео. Таа беше како жарче топлина во толку студената приказна. Покрај сите нивни мани и недостатоци, заедно сплотени беа совршени.

За сосема оправданата популарност на „Дете 44“, говори и фактот што оваа книга досега е преведена на 36 јазици, а многу ми е мило што еден од нив е македонскиот. Патем, морам да го пофалам и преводот, беше прилично солиден 🙂 Што се однесува до филмот – сè уште размислувам дали да го гледам, со доза на страв дека ќе го изгубам чувството што ми го остави книгата, ама на крајот сепак мислам дека љубопитноста ќе ме совлада 😀

Би можело да ти се допадне и ова...