“I Know My Name” – C.J. Cooke

На еден напуштен остров во Грција, повредена жена се буди без никаква меморија за тоа која е, каде се наоѓа и како воопшто дошла таму. Додека се обидува да го пронајде одговорот на многуте прашања, открива дека не е сама на островот. Се среќава со луѓе кои се обидуваат да ѝ помогнат, но набрзо сфаќа дека тие кријат нешто од неа и дека сепак ја познаваат од претходно.
Во меѓувреме, во Лондон исчезнува Елоис, мајка на две мали дечиња на која одеднаш ѝ се губи секаква трага. Нејзиниот пасош, кредитните картички и сите нејзини лични работи се во куќата. Семејството на Елоис очајно ја бара, а секоја трага која ја наоѓа полицијата укажува на тоа дека никој не ја познавал доволно добро, па дури и нејзиниот сопруг.

Книгава ја одбрав затоа што бев расположена за некој добар психолошки трилер, а кратката содржина и одличните оценки и коментари на goodreads беа доволни за да ме привлечат. Идејата е добра, па дури можам да кажам дека и реализацијата не е лоша, само што јас го открив крајот уште во првата половина 😀 Не затоа што беше толку предвидлив и очигледен, туку затоа што имам прочитано премногу трилери во животот за да знам што да очекувам. Бев убедена и сигурна дека знам што се случува, па некако неизвесноста згасна, вниманието ми леташе надвор од страниците, а на моменти дури и ми беше досадна. До тој степен што ја читав точно еден месец, што е премногу за добар трилер 😀
Сепак, мислам дека книгава заслужува место овде, затоа што моето мислење е крајно субјективно и верувам дека некому може многу да му се допадне. Пофалби и за авторката која направила одлично истражување пред да ја напише книгава и се потрудила сите работи да бидат издржани. Поглавјата се паралелно раскажани, што исто така ми се допадна, затоа што истовремено фрлаше светло врз двете приказни кои беа подеднакво интересни.

Овојпат се решив за пократка рецензија, затоа што со секое навлегување во анализа можам да откријам премногу. Затоа ќе ве оставам да ја прочитате и ќе ве советувам да избегнете секакви други коментари пред да ја почнете 😉

Би можело да ти се допадне и ова...