Папата Јована – Дона Вулфолк Крос
Сместена во мрачниот среден век, приказната во овој роман е базирана врз животот на една мошне исклучителна и фасцинантна жена во историјата на Западот, позната под името Папата Јована. Таа е една од најконтроверзните личности во историјата на човештвото, која преправена во маж, застанува на чело на Христијанската црква и во IX век станува прва и единствена жена која седнала на папскиот трон во црквата Св. Петар во Ватикан.
„Папата Јована“ е книга која многу долго време е на мојата листа за читање, а исто толку време и на полиците со книги. Веќе 9 години ми е на располагање, ама ете, некако никогаш не ѝ дојде време за читање. Сега, со целата таа изолација и работа од дома, решив да одберам некоја малку пообемна книга која што ќе ми го држи вниманието подолго време. Сепак, се испостави дека тие 600 и кусур страници ги прочитав за релативно брзо време, затоа што читањето ми одеше многу лесно и брзо. Можеби една од причините зошто книгава толку време ја одбегнував, беше мојата апсолутно неоснована претпоставка дека станува збор за малку потешка книга, но на крајот сфатив дека сум била во голема заблуда – раскажувањето течеше толку глатко, што ме поведе како низ брзо течение на река. Едноставно ме зграпчи и не ме пушти до последната страница. Прилично лесно навлегов и се движев низ приказната, се чувствував како да сум дел од целото патешествие на Јована.
Искрено кажано, пред да почнам да ја читам книгава немав многу предзнаења за приказната на Јована, но можеби подобро е така, бидејќи цело време ме држеше во неизвесност до самиот крај. Не знаев за нејзината судбина, не знаев како завршува нејзината животна приказна и практично кажано, сè што знаев е она што може да се заклучи и по самиот наслов – дека таа некогаш била папа 🙂 Мислам дека подобро беше што истражувањето и читањето на различни теории и контроверзиите поврзани со оваа книга, го оставив за по завршување на читањето.
Ми се чини дека ликот на Јована е еден од најмоќните ликови во литературата – нејзината интелегенција, љубопитност, нејзината огромна борбеност и пожртвуваност, нејзината мудрост и топло срце ќе го освојат секој читател. Не можете да останете воздржани пред нејзината неверојатна храброст и исклучителна бунтовност да се спротивстави на сите стеги и предрасуди дека само затоа што е жена, таа не смее да се школува, туку мора да му биде покорна на мажот. Му се восхитував на нејзиниот брилијантен ум. Целата книга изобилува со прекрасни мисли на кои се враќав да ги прочитам и по неколку пати. Додека ја читав приказната на Јована, доживував толку различни емоции, од жал и гнев, до топлина што ми го исполнуваше срцето, дури неколку пати успеа да ме насмее на глас 😀 Нејзиниот лик беше како една мала, но силна светулка во таков мрачен век.
„Некако ѝ се чинеше дека човек што е осуден секогаш да се стреми кон нешто што не може да го има, за себе ги избира најстрмните и најтешките патеки.“
„Чудно е како работи срцето. Човекот може со години да живее навикнат на загубата, помирен со неа, а потоа, во еден момент на невнимателно размислување, болката ќе исплива на површината, остра и свежа, како скорашна рана.“
„Светот никогаш нема ни да се промени ако никој не се обиде да го стори тоа. Промените мора некаде да почнат.“
„Некои идеи се опасни.“
Целата книга го следи нејзиниот живот, од самото раѓање, преку целото нејзино животно патување исполнето со многу замки и препреки, многу љубоморни и зависни луѓе кои ќе се обидат да ја дискредитираат, да го нарушат нејзиниот углед, да ја потчинат. Приказната фрла светло и врз тогашниот Ватикан, неговата моќ, сите сплетки, заговори и интриги околу најпосакуваната титула и на што сè луѓето се спремни за да се дограбат до истата, а сето тоа во име на верата.
Имам толку многу што да кажам и напишам за книгава, но не сакам премногу да откријам, затоа што мислам дека сите оние кои не ја читале, веројатно најубаво ќе ја доживеат без да читаат ништо за неа, па дури ни кратката содржина на задната корица – како што направив јас. Од оваа причина, на почетокот на оваа статија откривам сосема мал дел од она што го пишува на самата книга.
Исто така, морам да го пофалам и преводот. Моето издание е она на Силсонс и искрено бев малку скептична околу тоа каков ќе биде преводот, затоа што претпоставував дека сигурно не било едноставно да се преведе. Уживање ми беше 🙂
Ја препорачувам на сите, без разлика на жанровите кои ги преферирате. Ова е книга која мора да се прочита.