Три новитети за читање во ноемвриските денови

Дождливите ноемвриски денови веќе пристигнаа, а со тоа верувам дека на многумина им доаѓа желба слободното време да го поминат дома, со книга 🙂
Овојпат за вас одбрав три понови изданија на трилер и мистерии книги кои верувам дека ќе ви го задржат вниманието.

„Последната куќа на улицата“ – Дијана Чејмберлен
По смртта на сопругот, кој умира во несреќа додедека ја градел нивната куќа од соништата, Кајла Картер е свесна дека мора да сотане силна за нивната четиригодишна ќерка. Но, кога една постара жена се доселува во соседството, животот на Кајла тргнува во друга насока. Постарата нова сосетка на Кајла, Ели Хокли и вели да не се вцелува во куќата и таа речиси и ќе се согласи со неа. Повеќе од јасно е дека оваа жена има некаква врска со минатото….и врска со самата Кајла. Ели Хокли со себе носи тајни што се протегаат наназад, дури до педесетите години на минатиот век.
Дали Ели сака да ги исправи грешките од минатото? И дали последната куќа од улицата го има клучот за разрешавање на мистеријата?
Раскажан во два временски периода, Последната куќа на улицата е роман на шокантни предрасуди и насилство, забранета љубов, потрага по правда и заплеткани лози на две семејства.

„Девојките што горат“ – К. Џ. Тјудор
Експлозивен трилер од авторката на „Човекот од креда“ за селцето Чепел Крофт кое крие тегобни тајни. Пред 500 години во него на клада биле изгорени осум протестантски маченици. Пред 30 години без трага исчезнале две тинејџерки. А пред два месеца се самоубил капеланот. Постои ли некаква поврзаност меѓу нив, и дали навистина местото е опседнато?
Новиот капелан Џек Брукс, самохрана мајка која и самата бега од своето мрачно минато, се надева дека ќе најде мир и одново ќе го започне животот. Но кога од непознат праќач ќе добијат за добредојде стар комплет за егзорцизам, скромната куќа и немањето интернет се најмалите грижи со кои се соочуваат таа и нејзината 14-годишна ќерка.
Колку повеќе се запознаваат со чудните жители, сомнежот и стравот им се продлабочуваат. Зашто откривањето на вистината во село во кое сите се поврзани со крвавото минато и никој не им верува на дојденците – може да биде смртоносно.

„Остави го светот зад себе“ – Румаан Алам
Аманда и Клеј стигнуваат во еден далечен дел на Лонг Ајленд на одмор: вистинско одморање од животот во Њујорк, минување квалитетно време со нивните син и ќерка тинејџери и вкусување на добриот живот во луксузниот дом што го изнајмиле за претстојната недела. Но, доцна во ноќта, тропање на вратата ја крши магијата. Рут и Џ. Х. се повозрасна црна двојка – куќата е нивна и тие пристигнуваат во паника. Ја носат веста дека градот го снашло ненадејно затемнување. Но, во оваа рурална област – со телевизорот и интернетот исклучени, како и без мобилните телефони – тешко е да се знае во што да се верува.
Дали Аманда и Клеј треба да му веруваат на овој пар – и обратно? Што ли се случило во Њујорк? Дали викендичката каде што се наоѓаат, изолирана од цивилизацијата, е навистина безбедно место за нивните семејства? И дали се тие безбедни едни од други?
Напнат и провокативен, овој роман на Румаан Алам е во силен дослух со сложеноста на темите како што се родителството, расата и класата. Остави го светот зад себе истражува како нашите најблиски врски се преобликуваат – и се создаваат нови и неочекувани – во моменти на криза.

Би можело да ти се допадне и ова...