„Виконтот кој ме сакаше“ – Џулија Квин

1814 ветува дека ќе биде уште една сезона богата со важни настани и свршувачки, но не и за Антони Бриџертон, најпосакуваниот ерген во Лондон, кој не покажува никакви знаци дека планира да се жени. А и зошто би се женел? Кога станува збор за живеење сладок развратнички живот, никој не го прави тоа подобро од Антони…

Но овој пат, познатата озборувачка/колумнистка, Леди Вислдаун, не е во право. Антони Бриџертон не само што има одлучено да се ожени, туку веќе има одбрано и сопруга! Единствената пречка му е постарата сестра на неговата избрана идна жена, Кејт Шефилд – најголемата „запршка“ која некогаш шетала по улиците на Лондон. Безобразната девојка го излудува Антони со својата решителност да ја спречи свршувачката, но кога ги затвора очите ноќе, Кејт е жената која го прогонува во соништата, кои од ден во ден стануваат сѐ поеротски…

За разлика од сите други, Кејт е убедена дека поранешните развратници НЕ стануваат најдобри сопрузи – а Антони Бриџертон е најразвратниот од сите. Кејт е решена да ја заштити својата сестра, но се плаши дека нејзиното сопствено срце е ранливо. А кога усните на Антони одеднаш ги допираат нејзините, почнува да стравува дека можеби ни самата нема да биде способна да му одолее на развратникот…

Ова е втора книга од серијалот Бриџертон која ја читам, по „Војводата и јас“.

Додека ја читав, некако несвесно правев паралела меѓу двете книги и на крајот сепак не можам да заклучам која ми се допаѓа повеќе. На моменти повеќе ми се допаѓаше оваа, а на моменти си помислував дека сепак првата беше подобра. Почетокот на оваа ми се допадна доволно за да бидам сигурна дека ќе имам добра книга за читање, но некако попатно почна вниманието да ми бега како резултат на некои сцени кои не ми се допаднаа и тука веќе впечатокот ми се промени.

Приказните во двете книги се слични, впрочем и настаните се движат во истите социјални кругови, има доста ликови кои се среќаваат во двете книги, па во одреден дел наликуваат една на друга. 

Два главни ликови кои започнуваат како непријатели, но потоа нештата меѓу нив се менуваат и стануваат љубовници, а по низа чудни настани, и не во целост по сопствена волја, на крајот завршуваат и како брачни другари. Искрено кажано не ми беа толку симпатични колку што мислев дека ќе ми бидат – како што се развиваше приказната, така некои нивни карактерни особини кои излегуваа на површина ме иритираа. Сосема очекувано од ваква книга, настаните се по малку предвидливи и веќе можете да насетите кон што води приказната, но сепак некои пресврти ме изненадија.

Ако треба да ги заклучам впечатоците за книгава, би рекла дека ми се допадна доволно за да ја оценам со средна оценка, но недоволно за да продолжам со книгите од Бриџертон серијалот. Барем засега 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...