„Солта во морето“ – Рута Шепетис

Сите знаат за добро документираната катастрофа со Титаник, но малкумина се запознаени со една од најголемите поморски трагедии… Се ближи крајот на Втората светска војна и илјадници бегалци очајнички тргнуваат кон прегратките на слободата; многумина од нив со скриени тајни… Помеѓу нив се и Јоана, Емилија, Флоријан, чии патишта се вкрстуваат на пат кон „Вилхелм Густлов“, брод кој ветува спас. Соединети од стегите на околностите, тројцата млади црпат сила и храброст еден од друг, но меѓусебната доверба ја тестира секој следен чекор на пат кон безбедноста. И баш кога им се чини дека слободата е на дофат на рака, доаѓа до незамислива трагедија. Преоптоварениот брод, наменет за 1.800 патници, а натоварен со над 10.000 луѓе, почнува да тоне и сите тие, возрасни и деца, богати и сиромашни, мораат да се борат за истото: за преживување, за своите животи. Раскажан од различни перспективи, овој трогателен роман е инспириран од вистинска трагедија. Авторката ни открива жртви на страшната војна за кои знаат неверојатно мал број луѓе и докажува дека хуманоста и љубовта можат да победат дури и во најмрачните околности.

Ова е книга која за прв пат ја забележав откако беше избрана како победник во YA категоријата во 2016 година на Goodreads, а откако доживеа и превод на македонски јазик стана многу популарна и меѓу македонските читатели, па за брзо време решив да ја збогатам домашната библиотека со уште еден наслов од Рута Шепетис. Книгите кои обработуваат настани од Втората Светска војна, особено ако се вистинити, секогаш ги читам со грутка во грлото, па често намерно ги одбегнувам додека не дојде ден да си речам: Добро, сега е навистина време да ја прочитам. Така беше и со оваа книга – долго време ми стоеше на полица, додека не си реков дека не можам повеќе да ја оставам „за понатаму“.

Најпрво ќе кажам дека сакам историски книги кои обработуваат вистински настани, особено ако тие се добро истражени од страна на авторот. Не само што учам од нив, туку и секогаш завршувам со читање повеќе информации за конкретните настани на интернет. Како што вели и самата кратка содржина на оваа книга – и јас бев меѓу оние читатели кои не слушнале за трагедијата која ја обработува, поточно потонувањето на бродот „Вилхелм Густлов“. Ми се допадна тоа што имавме различни ликови во приказната, секој со различна „улога“ во војната, па имавме прилика врз настаните да погледмене од различни перспективи, што според мене секогаш е плус. Кога сум веќе кај ликовите – скоро сите ми беа допадливи, а оние кои не ми беа, барем ми беа подносливи 😀

Една од забелешките кои ги имам за книгава е нешто што го имам забележано и во други книги, а тоа се кратките поглавја, и тоа раскажани од различни ликови. Кратките поглавја не ги сакам генерално, а особено не кога постојано скокаме од еден на друг лик. Кога читам, сакам да потонам во приказната, да се движам низ неа заедно со ликовите, но кога поглавјата се кратки, некако немам време да го направам тоа. Ова дополнително ми отежна во тоа на почетокот да можам да запамтам кој лик е кој, бидејќи немав простор подобро да ги запознаам ликовите, да ги дефинирам преку нивните карактеристики и да запамтам за кого точно се работи. Другата забелешка која ја имам, а која е субјективна како резултат за мојата претстава за тоа што обработува книгата, е тоа што мислев дека фокусот на книгата ќе биде самата трагедија. Всушност, поголем дел од дејствието го опфаќа патот кој ликовите го имаат до самиот брод. Самото потонување на бродот ми беше некако набрзина раскажано, како да протрчавме низ тие настани, наспроти бавното чекорење кое претходно го имавме.

Сепак, и покрај забелешките, на крајот преовладаа позитивните импресии, па оваа книга ја оценив со 4 ѕвездички. Доколку сте љубители на историски книги од кои истовремено ќе научите нешто ново, ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...