Кој тропа на прозорецот? – Линвуд Баркли

Кал е сосема свесен дека влегувањето на една тинејџерка во неговото возило и не е многу умно ама, пак, каква неволја би можело да предизвика тоа? Наредното утро открива дека од добар самарјанин се претворил во осомничен за убиство. Тој ненадејно и неочекувано влетува во средината на смртоносна сложувалка која како мрежа се раширила низ малиот град Грифон.

Знам дека Баркли е доста популарен кај македонската читателска публика, има голем број на негови книги преведени кај нас, ама ете кај мене некако не налетувале неговите наслови, па оваа ми беше трета прочитана од него. Бев расположена за некој добар трилер, а конкретно за оваа книга на Баркли прочитав многу позитивни коментари, па на крајот изборот падна на неа.

Морам да признаам дека кратката содржина, а и самиот почеток на книгата ми навестуваа интересен трилер кој ќе ме држи будна додека не го прочитам. И жал ми е што ќе кажам дека сум меѓу оние читатели на кои не им се допадна, поради што на крајот од мене доби 2 ѕвездички.

Изгубив интерес за настаните уште во првата половина, но ете, си реков нема да ја оставам, туку ќе ѝ дадам шанса и ќе чекам да се случи некој пресврт, нешто што ќе ме изненади и ќе ми ги смени дотогашните впечатоци. Ама како што одеа страниците, така сè повеќе го губев вниманието, па крајните поглавја дури би рекла дека ги следев половично, што можеби е причината зошто на моменти ми делуваше многу хаотично.

Вака кога ќе ја анализирам приказната, не е дека немаше пресврти или доволна доза на мистерија околу настаните, ама чувството кое јас го имав беше: Не знам што се случило, ама искрено немам интерес да дознаам. Некако ми беше сеедно и многу брзо престанав да кројам можни сценарија во глава.

Исто така не ми се допадна тоа што некои работи се повторуваа милион пати – веќе и престанав да бројам колку пати ја слушнавме верзијата на Кал за тоа што се случило. Секое негово раскажување на настаните беше едно те исто. Стилот на раскажување е лесен, меѓутоа тоа не беше доволно за да ме навлече на приказната која иако мистериозна, за мене беше досадна.

Мислам дека сепак нема да се откажам од Баркли и повторно ќе му дадам шанса понатаму, но конкретно оваа книга не беше по мој вкус.

Би можело да ти се допадне и ова...