„Еден ден во декември“ – Џози Силвер

Лори е речиси сигурна дека љубовта на прв поглед постои само во филмовите.
Но, еден снежен ден во декември, низ замаглениот прозорец на автобусот ќе здогледа еден младич и во моментот кога ќе им се сретнат погледите, нејзиното срце ќе затрепери како никогаш претходно… и… тогаш автобусот тргнува од постојката.
Убедена дека судбината повторно ќе ги спои, таа цела година се обидува да го најде на улиците, автобуските постојки и по лондонските барови и кафулиња. Но, не го пронаоѓа.
Со скршено срце, таа одлучува да го заборави тој магичен момент и да продолжи во животот. Но, законите на љубовта, тешко може да се разберат и да се следат, а судбината понекогаш создава испреплетени патеки по кои се движиме и кои не можеме да ги промениме.
Лори повторно го среќава Џек, „момчето од автобусот“, на една Божиќна забава, кога нејзината најдобра пријателка Сара го претставува како нејзиното ново момче. Она што следува за Лори, Сара и Џек е десетгодишно пријателство, љубовна болка, пропуштени можности и преиспитани судбини.

Ова е малку нетипична љубовна приказна.
Од нивното запознавање, патиштата на Џек и Лори се разидуваат, а сепак се спојуваат, но не на начин на кој тие посакуваат. Судбината има други планови за нив, па така тие го продолжуваат животот понатаму, среќни во љубовта со други луѓе. Годините поминуваат, но некои работи се менуваат и скршнуваат од патот.

Го сфаќам концептот кој го имала Џози замислено во случајов, но искрено, мене ми се допаѓаа работите како што веќе беа, пред да се изјаловат. Цело време како да одеше на тоа зошто Џек и Лори се со погрешните личности во врска, но од друга страна, ништо не ме наведуваше на тоа зошто па тие двајцата би биле вистинскиот избор еден за друг. Целата таа хемија меѓу нив јас лично ја доживеав како вештачка и мислам дека повеќе беше посакување од љубопитност во случајов, отколку вистинско привлекување. Некако ми беше многу чудна нивната врска која во случајов не можам да ја дефинирам ниту како пријателска. Имав чувство дека и покрај тоа што се познаваа толку години, тие не се познаваа воопшто.

Веројатно ќе биде смешно ако кажам дека сите останати ликови ми се допаднаа освен главните 😀 Причината беше поради тоа што Џек и Лори не беа искрени во намерите со луѓето кои ги сакаа, не знам дали ги лажеа нив, или пак самите себе, но на крајот останаа многу скршени срца, незаслужено.

За мој вкус, темпото на раскажување се одвиваше малку бавно. Вака кога ќе размислам, не е дека приказната се тркалаше полека и без некои особени случувања, но имајте предвид дека е распослана низ цела деценија, па на моменти имав впечаток дека се вртиме во круг и никаде не одиме.

Инаку раскажувањето тече наизменично меѓу Џек и Лори, па дадени се две различни перспективи на работите, што ми се допадна. Секогаш е интересно да видите како различни очи гледаат на дадената ситуација. Нема забуни, затоа што приказната оди во една линија, а настаните се дадени хронолошки, па гледате како работите се менуваат од година во година. На крајот од мене доби средна оценка, иако можеби на моменти сакав да ја оценам со 2 ѕвездички, но сепак имаше и убави моменти и цитати кои ми се допаднаа, лесно и брзо ја прочитав, па затоа нема да бидам премногу строга 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...