Првиот македонски избор на Книга на годината

Полека се ближи крајот и на оваа 2020-та, а тоа за читателите значи едно – избор за најдобра книга на годината! Ако сте љубителите на книгите, тогаш сигурно не само што сте запознаени со ваквите избори, туку верувам и дека ги следите како што правам и јас 🙂 Ваквите избори отсекогаш ми биле одлична прилика да гласам за книгите кои најмногу ми се допаднале во одредени категории, но и да „пикирам“ нови книги кои ги немам прочитано, но очигледно биле доволно добри за да добијат своја номинација.

Почнувајќи од оваа година, навистина ми е мило што за прв пат ваков избор ќе биде организиран и кај нас – избор на македонски изданија кои биле промовирани во текот на изминатава 2020-та. Сега, македонските читатели ќе имаат можност да гласаат за книгите кои најмногу им оставиле впечаток, и тоа во вкупно 9 жанровски категории. Па така, без оглед на тоа дали преферирате да читате историски драми, романси, трилери или пак книги за млади, ќе имате прилика да се вклучите во онлајн гласањето кое ќе започне на 10 ноември. Она што е најважно е дека главниот збор тука ќе го имаат самите читатели – секој од вас може да гласа и врз основа на добиените гласови ќе бидат избрани најдобрите книги во секоја од категориите, но и една книга која ќе ја понесе главната титула за книга на годината. Во организција на издавачката куќа Сакам книги, сите информации поврзани со гласањето, како и номинациите, можете да ги видите на веб-сајтот Книга на годината. Дополнително, заследете ја и фејсбук страницата, бидејќи од овој избор читателите ќе имаат и можност за многу награди.

Во целиот проект се вклучени речиси сите македонски издавачки куќи, библиотеки, книжарници и многу промотори на настанот, меѓу кои и јас 🙂 Им благодарам на Сакам книги за укажаната доверба да се влучам во проектот и ми е навистина мило што сум дел од овој настан за кој веќе реков дека ќе го следев без оглед на тоа дали ќе бев вклучена во организацијата 🙂

Дали веќе решивте за кои книги ќе гласате?

Би можело да ти се допадне и ова...