„Напишано со каење“ – Али Мартинез

Секое девојче сонува за сопствена бајка. Бајката во која силниот витез доаѓа да ја спаси од канџите на злото. Потоа се заљубуваат, се венчаат, имаат деца и живеат среќно до крајот на животот.
По таа дефиниција, и мојот живот требаше да е бајка. Кога имав осум години, Кејвен Хант ме спаси од најголемото зло на Земјата. Нема врска што бев само дете. Сепак се вљубив во него. Но, таму воедно и заврши мојата бајка.
Многу години подоцна, една непромислена ноќ во најмрачен период од животот ни подари ќеркичка. Но, тој мрак не беше ништо во споредба со црнилото што ме консумираше кога бев принудена да ја оставам со Кејвен засекогаш. Сите бајки имаат едно нешто заедничко: среќен крај. Знаев дека мојата нема да има, но секоја ноќ се молев барем нејзината да има.
Му го должев животот на Кејвен. Но, на тоа девојченце му должев уште повеќе. Па затоа морав повторно да се соочам со татко ѝ, без разлика колку болело.

Има книги кои започнувам да ги читам без притоа прво да ја прочитам кратката содржина, туку само се водам од препораките и читателскиот инстинкт, до некаде. Оваа книга беше таква. Стана многу популарна откако Сакам книги ја издаде, прочитав многу позитивни коментари, па си реков дека тоа е доволно за и јас да ја прочитам.

Судејќи по самата корица на книгата, а во извесна мера и насловот и категориите на жанр во кои беше сместена, искрено јас очекував дека пред мене имам некоја површна љубовна приказна, па малку скептично ѝ пријдов. Ако сте ја прочитале, или барем сте запознаени со она за што се работи, веројатно веќе знаете дека сум била во заблуда. Од таа причина бев многу пријатно изненадена кога почнав да ја читам и кога видов дека приказната се движи во сосема друга насока од онаа која јас сум си ја замислувала. Ми го држеше вниманието залепено за секоја страница и иако ми беше малку предвидлива, сепак веројатно она што најмногу ми „бодеше очи“ беше фактот дека главните ликови имаа многу среќни животни околности 😀 Единствено тоа некако ми ја одвлекуваше приказната од реалноста. Во останатиот дел, поточно ликовите, самите настани, начинот на кој беше изградена приказната – ми се допадна.
Е сега, во однос на последната четвртина од книгата отприлика – тука веќе работите зашкрипеа и имаше повеќе моменти кои не ми се допаднаа. Ова е првиот дел од Regret дуетот и првата книга завршува со нерешен крај, нема расплет, така што морате да ја прочитате и следната за да видите што ќе се случи. Тоа и не ми пречеше, но искрено за мој вкус заврши премногу драматично и мислам дека ако Али ја завршела првата книга со расплет со кој ќе ѝ стави точка на приказната, ќе било сосема доволно.
Од таа причина на крајот ја оценив со три ѕвездички, иако до последната четвртина бев убедена дека од мене ќе добие четири.
Сепак, тоа не ме спречи веднаш да продолжам со читање на вториот дел, за што наскоро ќе споделам импресии 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...