Ова лето, патувај преку книгите!

Летната сезона започна, а социјалните мрежи веќе почнуваат да ми будат носталгични чувства потсетувајќи ме каде сум била овој период лани, полани, пред 3 или 4 години… Мошне очигледно е дека немаме типично лето годинава, а и неизвесно е дали некаде воопшто ќе можеме да отпатуваме. Ќе ми недостигаат морето, плажата, бескрајните летни ноќи и забавните активности, но ајде да гледаме на убавата страна, а тоа е дека секогаш можеме да отпатуваме некаде далеку преку книгите!

Замислете си само – седите на вашиот удобен кауч, пиете ладно нескафе, а со мислите ја шетате Барселона, Рим, можеби Истанбул? Постојат книги кои толку цврсто ме обвиткале во нивните страници, што навистина сум имала чувство како да не сум онаму таму што сум, туку како и јас самата да сум дел од приказната.

За вас ги одвоив следниве наслови кои се преведени и на македонски јазик, а преку кои можете да прошетате надвор од нашиве граници 🙂

Да започнеме со една од првите книги на кои се сетив додека пребарував низ нашите издавачки куќи:

„Јади, моли се, уживај“ – Елизабет Гилберт
Дестинации на кои ќе ве однесе: Италија/Индија/Бали
На чекор од нејзините триесетти години, Елизабет минува низ рана средовечна криза. Како образована, амбициозна Американка која има сè што може да посака – сопруг, куќа и успешна кариера, таа не се чувствува среќна и исполнета. Баш напротив. Минувајќи низ развод, депресија и втора неуспешна љубов, таа очајно бара начин да се опорави од сето тоа. Елизабет презема радикален чекор – со цел да си даде време и простор да открие која е и што навистина сака, таа се откажува од нејзината работа и тргнува на едногодишно патување низ целиот свет, сама. Книгата „Јади, моли се, уживај“ е всушност нејзиното патување до една цел – себепронаоѓањето. Во Италија за да го закрепне телото, во Индија душата, а во Бали за да најде љубов…

„Индиго Бомбај“ – Јагода Михајловска-Георгиева
Дестинација на која ќе ве однесе: Бомбај, Индија
Ова беше една од првите книги со кои почнав да ја градам мојата домашна библиотека. Ја купив многу одамна, изданието е од 2008-ма година, но сè уште се сеќавам на живописните сцени преку кои ја шетав Индија едно далечно лето поминато во Охрид 🙂
Ова е книга која проследува две, навидум крајно различни судбини: Ана е странкиња која престојува во Бомбај, но набрзо ѝ додева луксузниот хотел и средбите со пријателите. Се чувствува дека е херметички затворена. Таа сака слободно да излезе, да го искуси Бомбај, бестрашно да зачекори по мрачните улици каде преовладува глад, беда, сиромаштија, мизерија… Таа знае дека има некаква цел, во соништата некој ја потсеќа за нејзиниот долг, но кој да ѝ го покаже патот?
Гаруда е младо момче од Индија кој е решен да го продаде својот бубрег за да се избави од ужасната сиромаштија во која живее заедно со мајка си. Негова најголема радост и желба е да ѝ купи на мајка си сандали за да не оди боса.
Ана и Гаруда, навидум толку различни и далечни, имаат многу нешта преку кои се поврзани. Поврзани преку волшебните бои, мириси и звуци, преку мислите, соништата, краевите и почетоците…

„Седумте сестри“ – Лусинда Рајли
Дестинации на кои ќе ве однесе: Женева/Париз/ Рио де Жанеиро
Без оглед на тоа за која книга ќе се одлучите од овој серијал, ве уверувам дека ќе имате бесплатен билет за да шетате на различни дестинации низ светот.
Конкретно оваа, приказната на Маја, започнува во семејниот дом во Швајцарија, каде Маја и нејзините сестри се враќаат откако дознаваат дека нивниот татко, кој ги посвоил кога биле бебиња, ненадејно починал. За секоја од нив, таткото оставил писма како почетна точка од која тие можат да тргнат да го бараат своето биолошко семејство. Писмото ја носи Маја во Рио де Жанеиро, во потрага по нејзините корени.

„Се гледаме во Хавана“ – Шанел Клитон
Дестинации на кои ќе ве однесе: Мајами/Хавана
Исабел, Беатрис, Елиса и Марија, прочуените сестри Перес, се ќерки на кралот на шеќерната династија. Додека мажите од семејството Перес се посветени на судбината на земјата или се на страната на Батиста, тие безгрижно растат во луксузот и во богатството на високото друштво. Но, набрзо граѓанската војна се разгорува и во срцето на Хавана: на сцената на животот, еден свет се гаси, друг се раѓа во исто време, а Елиса почнува жешка авантура со еден млад
револуционер, полн со идеали.
Шеесет години подоцна, внуката на Елиса, Марисол, се враќа во Хавана, каде што ја дочекува вечната убавина на зовриената Куба, но и опасна политичка ситуација. Додека трага по вистината за своето семејство, неодоливо ја привлекува еден таинствен маж – човек чиишто тајни можат засекогаш да ѝ го сменат животот.

„Крововите на Техеран“ – Махбод Сераџи
Дестинација на која ќе ве однесе: Техеран, Иран
Ова е книга која почнав да ја читам минатото лето додека бев на одмор и убавината во тоа е што сега секогаш кога ќе ја видам, ме потсетува на целодневното уживање на плажа 🙂 Само да ја видам насловната корица, инстантно се преселувам на лежалка со црвен коктел до мене 😀
Ја раскажува приказната на Паша, кој во едно од соседствата во главниот град на Иран, го поминува летото во 1973-та на покривот од неговата куќа со неговиот најдобар пријател Ахмед. Тие во еден момент се шегуваат, а веќе во следниот поставуваат длабоки прашања за животот и ја планираат иднината. Но, освен животните прашања за кои разговараат, Паша го мачи и една друга болна тајна – тој е заљубен во прекрасната сосетка Зари, која уште од раѓање му е ветена на друг.
И покрај тоа што го мачи грижата на совест, кревкото пријателство на Паша со Зари тоа долго, топло лето се претвора во длабока врска полна со емоции. Но повеќемесечната магија на прекрасни украдени моменти се руши за само една ноќ со една ненамерна грешка на Паша. Поради суровите последици од тој еден настан, тој и неговите пријатели одеднаш ќе станат свесни за диктатурата во која живеат, а Зари ќе донесе незамислива одлука од која Паша можеби никогаш нема да може да си дојде на себе.

„Истанбул: Сеќавањата и градот“ – Орхан Памук
Дестинација на која ќе ве однесе: Истанбул, Турција
Книга за која велат дека е одличен начин да го спознаете овој величествен град и да се почувствувате како дел од него, иако можеби никогаш не се зачекориле низ неговите улици. Во овој автобиографски роман, Орхан Памук пишува прекрасна „песна“ за градот во кој се родил и во кој сè уште живее и пишува. Тој ни раскажува за детството, за елитното средно училиште, за архитектонскиот факултет, за неговите родители и омилената баба, но истовремено зборува и за сликарот Мелинг и неговите прекрасни слики на Истанбул, за патописите на Нервал, Готје и Флобер и, секако, за прекрасниот Босфор.

Би можело да ти се допадне и ова...