Нови книги во 2020-та за кои едвај чекам да бидат издадени

Нова година веќе е на прагот, а со тоа и многу нови книги за кои уште од сега мирисам дека ќе бидат меѓу најдобро оценуваните наслови на Goodreads 🙂 Од дооолгата листа на книги кои можеме да ги очекуваме во 2020 година, одвоив неколку кои веќе ги ставив на мојата to-read листа. Со оглед на тоа дека во зависност од расположението читам различни жанрови, што можете да го заклучите и од моите објави на блогот, и на листава се најдоа различни книги, почнувајќи од чик-лит, преку драми, па до трилери. Ќе почнам со онаа која ми делуваше најдобра.

The Love Story of Missy Carmichael – Beth Morrey
Книгава е препорачана за љубителите на „Еленор Олифант е океј“ и „Човекот по име Уве“ – две книги кои мене ПРЕМНОГУ ми се допаднаа, па ова е доволна причина со нетрпение да ја очекувам книгава 🙂
Ја раскажува приказната на Миси, чиј свет се менува целосно. На седумдесет и девет години, таа е отуѓена од нејзината ќерка, нејзиниот син и единствен внук живеат на другиот крај од светот во Австралија, а нејзината голема љубов одамна ја нема. Миси ги поминува деновите со голтка шери, чистејќи низ кујната во нејзината голема празна куќа и потсетувајќи се на минатото, низ нејзините грешки и тајни. Последното нешто што го очекува Миси е двајца совршени странци и едно палаво куче да ја пробијат нејзината крутост и да ѝ покажат колку љубов носи во себе.

All Adults Here – Emma Straub
Направете малку простор и за некоја семејна драма 😀 На мојата листа на прочитани книги никогаш не отсуствува некоја ваква книга, а овојпат вниманието ми го привлече оваа.
Се зборува за Астрид која откако станува сведок на сообраќајна несреќа на училишниот автобус во центарот на градот, на површина излегува потисната меморија од нејзиното рано родителство од пред неколку децении. Одеднаш, Астрид сфаќа дека не била баш родител за пример на нејзините три, сега веќе возрасни деца.
Најмладиот син на Астрид лута и е дефокусиран, и самиот правејќи грешки во родителството. Нејзината ќерка е бремена, но се бори да се откаже од сопствената адолесценција. Нејзиниот најстар син пак, го споредува и оценува својот живот според негови стандарди. Се чини дека единствено нејзината тринаесетгодишната внука и нејзината нова пријателка навистина ја разбираат храброста што е потребна за на луѓето што најмногу ги сакаш да им ја кажеш вистината.

The Authenticity Project – Clare Pooley
Една книга која прво ми го привлече вниманието со корицата, а потоа и со приказната која делува интересна и забавна за читање 🙂 Оценета како “clever, uplifting book that entertains and makes you think” од самата Софи Кинсела и покрај многуте позитивни коментари на Goodreads, дефинитивно ја ставам на мојата to-read листа.
Џулијан е ексцентричен, осамен уметник кој верува дека повеќето луѓе не се навистина искрени едни со други. Но, што ако се? Еден ден тој започнува да ја пишува вистината за сопствениот живот во една мала зелена тетратка, која ја остава во едно локално кафуле. Тетратката ја пронаоѓа секогаш средената и уредна Моника, која крадешкум ја зема и допишува во неа, па ја остава во винскиот бар кој се наоѓа преку улицата. Извесно време, другите пронаоѓачи на тетратката ги допишуваат своите најдлабоки вистини, за на крајот да се запознаат меѓу себе.
Овој интересен склоп на луѓе го вклучува Хејзард – шармантниот зависник кој ветува дека ќе се откаже од својот порок; Алис – прекрасната мајка Инстаграмер чиј реален живот е многу помалку совршен отколку што изгледа на Интернет; и нивните нови пријатели, кои преку необични и комични дружби ја спознаваат тажната и болна вистина за животот.

The Other People – C.J. Tudor
За љубителите на трилери како мене, секако дека една ваква книга мора да се најде на листата 🙂 Од тоа што имав прилика да го видам, наредната година нè очекуваат многу нови трилери, од кои овој ми изгледа дека ветува. Од К. Џ. Тjудор немам ништо досега прочитано, ама позната ми е по нејзината книга „Човекот од креда“ која е преведена на македонски.
Пред три години, Гејб бил сведок на киднапирањето на неговата ќерка, во ‘рѓосан стар автомобил, покриен со налепници на браниците. Возејќи се веднаш зад автомобилот, Гејб гледал како неговата ќерка исчезнува. Но, никој не поверувал во тоа. Повеќето веруваат дека неговата ќерка и сопруга се мртви, а дека тој самиот е одговорен за тоа.
Три години подоцна, Гејб сè уште има надеж, и покрај тоа што се откажал од сè друго – неговиот дом, неговата работа, неговиот стар живот. Ноќите и деновите ги поминува возејќи се низ автопатите, спиејќи во неговото камперско комбе на бензинските станици, во потрага по автомобилот што ја однел неговата ќерка.
Кејти го поминува многу од својот живот на бензинските станици, работејќи како келнерка. Таа честопати го гледа Гејб, или „слабиот човек“ како што го нарекуваат по прекар. Таа ја знае неговата приказна и сочувствува со него, затоа што знае како е да изгубиш некој близок. Пред девет години, нејзиниот татко бил убиен, по што нејзиното семејство се распаднало. Кејти не ја видела нејзината најстара сестра од денот на погребот на нивниот татко – денот кога таа направила нешто страшно.
Френ и нејзината ќерка Алис поминале многу милји низ автопатите – не затоа што биле во потрага во нешто, туку затоа што бегале од нешто. Или некој. Во постојана борба да бидат еден чекор пред луѓето што сакаат да ги повредат. Затоа што Фран ја знае вистината. Таа знае што навистина се случило со ќерката на Гејб. Таа знае кој е одговорен. И знае дека ако некогаш ги пронајдат, тие ќе бидат мртви.

Mr. Nobody – Catherine Steadman
Од авторката на „Нешто во водата“ ни доаѓа нов возбудлив трилер. Иако мислењата се поделени (како што ми се чини беше и за претходниот нејзин трилер) сепак мислам дека ќе се одлучам да ја прочитам, па барем да бидам на чисто дали Кетрин е my cup of tea 🙂
Кога на една британска плажа ќе се појави маж кој ја има изгубено меморијата и не се сеќава кој е, без свест и способност да зборува, во градот веста брзо се шири и се раѓа интерес за него. Болничкиот персонал е особено заинтригиран – Кој е овој човек? Како се нашол тука? Што му се случило? Се чини дека некои сеќавања подобро да останат заборавени…
Невропсихијатарот Ема Луис е успешна во својата работа и од неа е побарано да го прегледа овој човек кој го добива името Господин Никој. Во оваа прилика, Ема препознава шанса конечно да се дознае за нејзината работа малку подалеку. Но, тука лежи опасноста. Во овој град, Ема дошла пред години, со план да го сокрие минатото. А она што човекот се обидува да се сети е истото она што Ема се обидува да го заборави.

The Girl with the Louding Voice – Abi Dare
Адуни е четиринаесетгодишнo девојче од Нигерија која знае што сака во животот: образование. Ова, како што и вели нејзината мајка, е единствениот начин да се добие „силен глас“ – можност да зборува за себе и да одлучи за сопствената иднина. Но, наместо тоа, таткото на Адуни ја продава за да биде трета сопруга на еден маж, кој едвај чека таа да му донесе син и наследник.
Кога Адуни бега во градот, надевајќи се дека ќе има подобар живот, таа открива дека единствената друга опција за неа е да биде робинка во богато семејство.
Но, додека несреќите што ѝ се случуваат го пригушуваат нејзиниот глас, тие не можат да ја замолчат. Адуни сфаќа дека таа мора да се бори не само за себе, туку и за другите девојки – за оние пред неа кои се изгубиле, но и за оние по неа кои неизбежно ќе следат.

Би можело да ти се допадне и ова...