Начини и совети за организирање на полиците со книги

Во исчекување на новите полици за книги и целото планирање за тоа како да ги организирам и подредам, решив една статија да посветам на идеи за уредување на вашата домашна библиотека, но и совети од мое искуство кои можете да ги примените.
Во моментов, моите домашни полици за книги изгледаат малку очајно – прво затоа што одамна ги немам подредено, па како што купувам книги, така само ги трупам без некој посебен редослед, во зависност од тоа каде ќе успеам да им најдам место; второ, полиците кои сега ги имам не се првично планирани за книги, па имаат недостатоци од тој аспект. Премногу се високи и непотребно длабоки, поради што просторот не може максимум да се искористи. Длабочината ја решив со тоа што книгите ги редам понапред, а во однос на висината немаше друг начин освен тоа книгите да ги редам вертикално. Можеби и не изгледа толку лошо, но е крајно непрактично, затоа што секогаш кога ќе ви притреба некоја конкретна книга, морате да го извадите целото купче.

Од овие причини, прво нешто на кое обрнав внимание кога ги порачувавме новите полици, беа димензиите. Одредивме некоја стандардна висина во која горе-долу можев да ги сместам книгите што ги имам, со тоа што неколку изданија се со многу поголем формат, но таквите се малку и сигурна сум дека ќе успеам соодветно и естетски да ги средам 🙂

Сте слушнале ли за библиотеката која секоја година тоне по малку, бидејќи архитектот кој го правел планот заборавил да ја земе предвид тежината на книгите? Ова е уште една многу важна работа. Колку и да изгледа наивно, тежината на книгите може да направи голем проблем почнувајќи од тоа да ги искриви полиците (нешто кое ми се има случено), па дури и целосно да ги откачи (повторно, нешто кое ми се има случено). За целата среќа, во моментот кога попуштија држачите на полицата бев во близина и се фрлив да ги задржам книгите, инаку сигурна сум дека стаклените вратнички на регалот ќе беа парампарче… Некогаш држачите на полиците се предвидени да држат по некој украс или врамена слика, но не и цел ред на книги, па обрнете внимание на тоа. Секако, тука важен е и самиот материјал од кој се изработени полиците.

Доколку имате отворени полици, тогаш на помош можат да ви бидат т.н. book ends кои освен тоа што се функционални бидејќи ги држат книгите, естетски се многу симпатични 🙂 Сепак, јас се одлучив за тоа да бидат затворени, затоа што така ги замислував и така ми изгледаат поубаво.

За оние кои имаат малку поголем простор и празен ѕид – секогаш постојат еден куп идеи за необични полици.

Во некои има повеќе работа и труд, некои се поедноставни за да се направат, но во секој случај морате да признаете дека изгледаат многу креативно. Јас немам толку голем празен ѕид на кој би можела да реализирам некоја ваква идеја, но мислам дека дури и да имам, не би се одлучила за нешто вакво, бидејќи не собира голем број на книги, споредбено со просторот што го зафаќа.

Ги имаме полиците? Ајде сега да видиме како да ги уредиме 🙂
Веројатно еден од најсимпатичните начини на организирање на полиците со книги е тоа да ги подредите по боја. Навистина изгледа многу убаво, меѓутоа мене овој начин не ми се допаѓа од практични причини – на пример, имам трилогии и серијали на книги кои секако е убаво да стојат една до друга како комплет, а некои имаат различна боја на корица, па би требало да ги ставам одвоено.

Друг начин е да ги сортирате по жанр. Морам да признаам дека овој начин ми се допаѓа повеќе, затоа што ако барам конкретна книга, а на пример не би можела да ја најдам по боја затоа што не се сеќавам како изгледала корицата (особено затоа што некогаш страничниот и предниот дел од корицата се разликува по боја) би можела да ја лоцирам меѓу книгите од истиот жанр. Можеби овој начин ќе ви одземе малку повеќе време отколку да речеме сортирањето по бои, но мислам дека е попрактичен.

Ви се случило некогаш сосема да заборавите на некоја книга која одамна сте ја купиле, а ви стои непрочитана? Мене – милион пати! 😀 За полесно да водите евиденција околу тоа, можете да ги подредите книгите на прочитани и непрочитани. На тој начин секогаш ќе знаете кои книги чекаат на ред за да ги земете во раце, наместо некоја книга да се изгуби меѓу многуте наслови, па сосема да заборавите дека некогаш сте ја купиле… Guilty as charged… 😀

За оние кои сакаат сè да им биде под конец, па така и книгите, веројатно најдобриот начин е да ги организираат книгите по нивниот формат. Не сите издавачи следат некој стандарден формат на книги, па така изданијата се разликуваат во димензиите. Дури некогаш и една издавачка куќа има различен формат за различни книги – на пример некои од постарите книги кои ги имам купено од „Три“ се помали, за разлика од некои од поновите нивни книги. Сепак, можете да ги подредите најпрво по издавачи, а потоа и по формат, за на крајот да имате беспрекорно уредени полици под линија.
Имам чувство дека ова ќе биде начинот на кој јас ќе ги уредам новите полици 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...