Моето искуство со купување половни книги преку AwesomeBooks

Вторнички беше време за објавување нова статија, а со оглед на тоа дека токму денес ми пристигна пратката од AwesomeBooks, решив тука да го споделам моето искуство со порачување половни книги онлајн.

Секогаш се радувам кога ќе ми пристигне некоја пратка во поштенското сандаче, а особено ако тоа е пакетче со книги! Чиста радост! 😀
Во читателските групи на фејсбук забележувам дека AwesomeBooks станува сè попопуларен сајт за порачување книги, но еве еден мал вовед за оние кои не знаат за што се работи. Креиран во 2004 година од љубители на книги, AwesomeBooks нуди половни, но добро зачувани книги, по сосема пристојни цени. Секако, покрај second-hand книгите, нудат и сосема нови, но генерално порачките се однесуваат на веќе користени книги. Впрочем, главната цел на тимот кој стои зад овој сајт, била да им најдат нов дом на ваквите изданија.

Веќе долго време размислував да порачам неколку книги, па откако добро го разгледав изборот што го нудат и насловите од мојата to-read листа, одбрав три книги. Морам да признаам дека не успеав да ги најдам сите наслови кои ги барав, барем не во used варијанта, но на крајот сепак се одлучив што да порачам. Поштарината беше засметана во финалната сума и изнесуваше 2,99 фунти, така што секако дека е поисплатливо ако порачате повеќе книги.
Очекуваниот датум на испорака беше 18-ти октомври, што беше за релативно кратко време по порачувањето. Сепак, за жал, пратката не стигна на време. Искрено кажано и не очекував да стигне навреме, од причина што и друг пат сум имала проблеми со нашата пошта, за на крајот комплетно да изгубам надеж дека воопшто некогаш ќе ги добијам моите книги… Преку бројот на мојата порачка се обидов да ја лоцирам пратката, но и тоа ми беше неуспешно. Откако веќе календарот го свртев на ноември, го исконтактирав тимот на AwesomeBooks за мојот проблем, а тие беа многу љубезни и ми вратија одговор во рок од неколку часа. Нивната претпоставка беше дека мојата пратка се изгубила некаде на пат од Британија до Скопје, поради што решија да ми ги рефундираат средствата. Во меѓувреме ги прежалив книгите, со мисла каде ли завршило моето пакетче 🙂 Се откажав од идејата повторно да порачам книги од AwesomeBooks, бидејќи некако ова си го протолкував како баксуз со онлајн порачувањето книги – нешто кое го имам направено досега само еднаш во животот.
Сепак, по сè изгледа мојата желба за книгите беше посилна од било какви пречки на патот 😀 Речиси еден месец подоцна од предвиденото, мојата пратка конечно пристигна!! А книгите – одлично сочувани. Секако, на прв поглед ќе сфатите дека не се нови книги, меѓутоа воопшто не се на било каков начин оштетени, искинати, исшкртани, ниту пак им недостигаат страници. Единствено на допир ќе увидите дека некој претходно веќе ја читал книгата 🙂

Доколку не ви пречи да купувате половни книги и секако – доколку читате на англиски, топло ви ги препорачувам AwesomeBooks. Изборот на книги е голем, цените пристојни, а доставата евтина. Тоа што јас имав мал проблем со доцнење на порачката, не значи дека ќе биде случај и со вашата пратка, особено затоа што знам дека на многу македонски читатели пратки им стигнуваат навреме, за многу краток период. Освен тоа, дури и да имате проблем со пратката, како во мојот случај, верувам дека тимот на AwesomeBooks ќе ви излезе во пресрет. Задоволна од нивната услуга, веќе ги контактирав за тоа на кој начин можам да ги платам добиените книги, со оглед на тоа дека средствата во меѓувреме ми беа рефундирани. Со сигурност и друг пат ќе порачам од нивните книги 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...