Жени кои ја објавиле својата прва книга после 70-тата година од животот

Никогаш не е доцна за да ги остварите своите соништа, а овие жени ќе ве убедат во тоа 🙂 Ако некогаш сте си помислиле дека веќе не сте доволно млади за да направите нешто, имајте на ум дека постојат писателки кои својата прва книга ја објавиле откако наполниле 70 години.

Jumping the Queue – Mary Wesley
Иако во текот на животот Мери објавила неколку книги за деца, нејзиниот прв роман се појавил во книжарниците по нејзиниот 70-ти роденден. Во неа, Мери ја раскажува приказната за Матилда – вдовица која останува сама по смртта на нејзиниот сопруг, отуѓена од нејзините четири возрасни деца. Таа решава да стави крај на таквиот живот и да се самоубие. Но, нејзиниот грижливо направен план за самоубиство го прекинува Хју Варнер – човек кој е во бегство бидејќи ја убил неговата мајка. Животите на Хју и Мери се спојуваат, додека тие бараат одговори на некои прашања.

Meet Me at the Museum – Anne Youngson
Романот кој Ен Јангсон го објави по својот 71-ви роденден, беше пријатно изненадување за многумина и беше одлично прифатен и високооценуван на Goodreads. Во него, Ен раскажува за професорот Андерс Ларсен кој ја губи својата сопруга, а заедно со неа и своите надежи и соништа за иднината. Тој како куратор во Данскиот музеј, добива писмо од извесна госпоѓа Тина Хопгуд, врзано за античките дела кои се изложени во музејот. Тие двајца започнуваат редовно да се допишуваат, па писмата преминуваат во лични, а преку интимните приказни за нивната животна радост и болка, и двајцата ја спознаваат душата на другиот. Но, кога писмата на Тина одеднаш престануваат да доаѓаат, Андерс е фрлен во очај. Може ли ова неверојатно пријателство да преживее?

Silence Under A Stone – Norma MacMaster
10 години откако ги објавила кратките мемоари за нејзиниот живот, Норма го претставила и својот прв роман, на нејзина 72 годишна возраст. Silence Under A Stone ја раскажува приказната на Хариет Кемпбел, која од својот кревет во старечкиот дом во Даблин, размислува за времето, за минатото, кога нејзината втора најголема радост во животот бил нејзиниот новороден син Џејмс. Повеќе од Џејмс, го сакала само Бог. Во 20-тите години на минатиот век, во сенките јужно од границата, Хариет и нејзиниот сопруг Томас се почитувани членови на нивното строго презвитериско собрание. Но, промената во Ирска и Римокатоличката црква ѝ наложува на Хариет да избира меѓу верата и семејството.

Stones for Ibarra – Harriet Doerr
Како внука на колекционер на уметнички дела и книги, Хариет целиот свој живот била опкружена со уметност. По смртта на нејзиниот сопруг, охрабрена од нејзиниот син, таа им се враќа на студиите кои ги прекинала пред да склучи брак. На нејзина 74 годишна возраст, таа го објавува својот прв роман во кој раскажува за Ричард и Сара Евертон – средовечен пар кој се преселува во малото мексиканско село Ибара за повторно да го отворат рудникот за бакар, напуштен од дедото на Ричард, педесет години претходно. Како единствените странци во Ибара, тие двајца живеат меѓу луѓе кои не ги разбираат. Постепено, тие се зближуваат со селаните кои почнуваат да ги учат многу за животот и немилосрдната судбина.

Би можело да ти се допадне и ова...