„Сè што останува“ – Патриша Корнвел

Во темните, шумски предели на сојузната држава Вирџинија, ловци и извидници наоѓаат неодамна оставени трупови на млади двојки. Доктор Кеј Скарпета, главен судски патолог, и покрај нејзиното богато искуство, не може да ги утврди причините за смртта, ниту пак да најде некаква трага што би можела да го доведе полицискиот детектив Марино до убиецот.
Но, кога ќерката на една од најмоќните жени во американската политика ќе стане најнова жртва на грозоморниот сериски убиец, притисокот врз доктор Скарпета ќе стане неиздржлив. Кеј Скарпета ќе биде присилена да исплете пајакова мрежа со надеж дека ќе биде доволно цврста за убиецот да се заплетка во неа.

„Сè што останува“ е третото продолжение од серијалот за Кеј Скарпета, но засега колку што знам само овој дел е преведен на македонски, па јас ги рипнав првите два дела под претпоставка дека нема да почувствувам некои празнини во приказната. И навистина беше така, бидејќи од кратките содржини на останатите делови објавени на Goodreads, заклучив дека секое продолжение е фокусирано на различни случаи што ги работи Скарпета и не се поврзани еден со друг. Единствено имав прашалници врз глава кога се спомнуваа делови од нејзиниот приватен живот кој се провлекува низ приказната, затоа што не бев многу во тек со тоа што ѝ се случувало, но тоа не ми пречеше премногу, затоа што празнините си ги пополнував сама базирајќи се врз претпоставки 🙂

Што се однесува до самата приказна – ми се допадна и постојано ми го задржуваше вниманието, од првата до последната страница. Вака навидум книгата изгледа обемна, но страниците многу брзо летаат, што се должи и на непредвидливиот тек на настаните, но и на самиот начин на раскажување на истите. Имав многу претпоставки во глава во текот на читањето, па можеби затоа од самиот крај очекував малку повеќе. Во секој случај, генералниот впечаток ми е многу позитивен 🙂

Колку што видов на Goodreads, и останатите продолженија држат мошне високи оценки, така што веројатно во иднина би се одлучила за некое од нив кое ќе го читам на англиски јазик.

„Кога се врати во мојот живот, се чинеше дека годините во кои бевме разделени сме ги поминале во некои странски земји и ниеден од нас не можеше да го разбере јазикот на минатото на другиот.“

Би можело да ти се допадне и ова...