Маркетинг на книгите – колку влијае врз очекувањата

Инспирирана од досегашните промоции и најави за нови книги преведени на македонски јазик од нашите издавачки куќи, денес на мојот блог решив да напишам нешто околу маркетингот на книгите и како истиот влијае врз мене како редовен читател и потрошувач.

Маркетингот е многу важен кога е во прашање продажба на каков било производ, па оттука ги разбирам издавачките куќи кои се трудат веста за нивните нови изданија да допре до што е можно повеќе читатели. Особено денес, со помош на социјалните медиуми, многу лесно можете да бидете во тек со сите новости поврзани со книгите. Меѓутоа, некогаш таквото сензационално најавување (кое за волја на вистината знае да трае и по неколку недели) кај мене лично има контра ефект. Многу често новите наслови се најавени како „незаборавна приказна за љубовта“, „неверојатен трилер со непредвидлив крај“, или „романтична комедија кои ќе ве насмее до солзи“. И исто толку често сум останала разочарана после читањето на некоја толку долго најавувана книга, затоа што, сосема нормално, очекувањата ми биле навистина високи. Кога ќе седнете да прочитате книга која долго време го „гонела“ вашиот фејсбук профил и сте ја среќавале каде и да погледнете, очекувате дека ќе ја добиете најавата која е напишана на самата корица. А многу често, не е така.

Токму од оваа причина, јас сум од оние читатели кои чувствуваат некоја чудна одбивност кон книги кои се многу популарни кај читателската публика. Многу скептично им приоѓам на книгите кои ги чита скоро секој втор, макар и да сум решила сепак да им дадам шанса. Истото се случува и со писателите. Сите мега популарни автори кои ги читам, сум ги запознала преку нивните книги уште пред да освојат толку голема публика. Токму затоа, има автори како Ден Браун кои никогаш не сум ги читала, затоа што нивната популарност ме одвраќала од нив. Макар што, сега скоро на подарок ја добив Inferno, и тоа од многу драга личност која е решена да ми ја всади љубовта кон овој писател 😀

Од друга страна, се чувствувам како да сум добила седмица на лото кога ќе пронајдам некоја книга или автор кои не се толку познати и преведени на многу јазици, а сепак носат нешто во себе кое ме воодушевило. Во такви прилики, имам чувство дека сум открила скриено богатство, кое ме чекало само мене за да го пронајдам 😀 Во услови кога многу често маркетингот на една книга доаѓа од популарноста на самиот автор, вистинска среќа е да најдете некој наслов, скриен таму некаде, кој ќе ви се залепи за срце.

Би можело да ти се допадне и ова...