Мојот „улов“ од Саемот на книга 2019

Откако помина и овогодинешниот Саем на книга, време е да се сумираат целосните впечатоци 🙂 Не го испуштив и годинава, па во убаво друштво, петочно ги посетивме буквално сите штандови кои имаа нешто да понудат на саемот. Бев во улога на „книжевен водич“, па давав препораки на секој од друштвото за книги кои мислам дека би им се допаднале 😀 Од издавачките куќи кои ми оставија впечаток, морам да ги пофалам Магор, Бата прес и Бегемот за солидните попусти, а Култура, Три и особено Литература за богатите саемски програми.

Неодамна на мојов блог пишував за саемските попусти, па како што кажав и претходно, од самиот саем не излегов со цела вреќа книги. Верувале или не, купив само две 😀 Уште пред да отидам на саемот, на листата ги пишав книгите „Вторнични жени“ во издание на Арс Ламина и „Книга на летото“ од Антолог, за кои бев сигурна дека ќе ги купам, и тоа не за себе, туку за подарок 🙂 После многу препораки за „Бунтовна кралица“ во издание на Матица, на нивниот штанд ја побарав и таа книга, но бидејќи ја немаа, ме упатија кон некоја од нивните книжарници, од каде ја купив со дополнителен попуст. Со оглед на тоа дека неодамна ми беше роденден, а како роденденски подарок добив ваучер од Сакам книги, ги искористив саемските попусти да се подновам со четири други книги. Откако убаво ги разгледав нивните изданија и ги елиминирав многуте нивни книги кои веќе ги имам прочитано, се одлучив тоа да бидат две книги од Фицек, поточно „Колекционер на очи“ и неговата најнова книга која веројатно беше меѓу најпродаваната на штандот на Сакам книги – „Пакетот“. Од нивните изданија ја одбрав и „Крововите на Техеран“, а за да го исполнам ваучерот за крај одбрав една од книгите на Мисо која ја немам читано и ја немам во домашната библиотека – „Ако не постои утре“.

Би можело да ти се допадне и ова...