„Вистинскиот“ – Џон Марс

Сакаш да ја пронајдеш твојата вистинска љубов? Твојата друга половина? Сè што треба да направиш е една едноставна ДНК анализа, која ќе ти помогне во тоа да го пронајдеш „вистинскиот“. После години истражување, научниците откриле дека секој во себе носи уникатен ген, кој му е заеднички само со една друга личност на светот, правејќи ги совршен пар. Очајни да пронајдат својата вистинска љубов, милиони луѓе во светот се пријавуваат за ДНК анализа, пронаоѓајќи ја својата сродна душа со која доживуваат неверојатна хемија и привлечност. Едноставно, чувствуваат дека се создадени еден за друг.
Но, што се случува ако тестот покаже дека „вистинскиот“ е човек кој веќе има жена и деца? Или можеби е децении постар или помлад? Што ако „вистинскиот“ е всушност човек од истиот пол? Се чини дека колку што е благослов, пронаоѓањето на сродната душа е и клетва…

Книгава ја слушав во аудио верзија на англиски јазик (под оригиналниот наслов “The One”, и дури откако изгуглав да видам дали има македонски превод, налетав на „Вистинскиот“ – корица која ми беше позната затоа што сум ја сретнала претходно, но никогаш немав прочитано кратка содржина на книгата. Воведот ветуваше и мило ми е што ги исполни моите очекувања, па од мене доби солидна четворка 🙂
Прво, самата идеја за ДНК анализата ми се допадна многу, очекував потоа да биде објаснета и разработена во раскажувањето, што и се случи, а и крајот и изведените заклучоци ми се допаднаа. Вака кога ја претставувам, испаѓа дека неоправдано сум ѝ дала четворка 😀 Сепак, имаше некои моменти кои не ми се допаднаа, па затоа решив да ѝ дадам четири ѕвездички. Освен тоа, ретко давам петки, како да ми се дадени во ограничен број, па внимавам на кои книги ќе им ги доделам 😀
Во книгата паралелно ги следиме приказните на пет млади луѓе кои го пронашле својот совршен партнер – каков бил нивниот живот пред да го направат тестот и што сè им се случува отпосле. Искрено, на почетокот ми се чинеше дека пет паралелни раскажувања се премногу, дека доволно би била дури и една, земајќи ја предвид самата идеја на книгата, но сега откако ја прочитав целата, немам чувство дека беше пренатрупана како што си мислев дека ќе биде. Баш напротив. Ми се допадна тоа што беа дадени сосема различни ликови, со многу различни животни околности, па имавме прилика да видиме како пронаоѓањето на вистинскиот ќе има различен ефект врз сите нив. Секое поглавје завршува мистериозно и те тера да читаш понатаму, што не е некоја нова техника, но одамна немам читано нешто во таков стил.

Доколку сте расположени за добар трилер, ви ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...