Последните книги кои ги купив

Откако на мојов блог напишав дека дома имам само две книги од издавачката куќа Сакам книги, како Универзумот да скова заговор да ги умножи 😀 Морам да признаам дека тоа што сега имаат своја книжарница (која инаку ми е во близина) придонесува за тоа почесто да фрлам поглед на нивните изданија. Дополнително, на отворањето се снабдив со Reader’s Card, а деновиве имаат убави попусти, па решив да ги посетам. Се подновив со три книги, од кои едната беше повод за тоа да отидам во книжарницата, а другите две ги избрав на лице место.

„Часови по секс“ – Даниел Грант
После еден куп препораки, оваа книга стои на мојата to-read листа веќе неколку години, но никако не успевав да ја најдам, ниту на македонски, ниту на англиски јазик. Тиражот на Сакам книги беше распродаден, но на мое големо изненадување неодамна пуштија нов, па веќе следниот ден ги посетив за да ја купам 🙂

„Знаеш ли да чуваш тајна“ – Софи Кинсела
Кога мислам на Софи Кинсела, мислам на море и плажа, на целодневно излежување на песок со ладно нес кафе во рака, додека те забавуваат нејзините урнебесни приказни 😀 Рака на срце, рано е за одмор, но убаво е уште отсега да се мисли 🙂 Искрено кажано, поретко читам чик-лит, но одвреме навреме сакам да се релаксирам со некоја лесна приказна, а мислам дека оваа баш добро ќе ми дојде.

„Крадци и проститутки“ – Рута Шепетис
За оваа книга размислував дали да ја купам, бидејќи во игра беше и најновиот трилер на Сакам книги – Другата жена од Сенди Џонс. Сепак на крајот се одлучив за историски роман, делумно затоа што судејќи по содржината, трилерот ми делуваше на нешто веќе познато.

Би можело да ти се допадне и ова...