Од книги фрлени во ѓубре, направиле библиотеки

Јас израснав во дом каде отсекогаш се негувала љубовта кон пишаниот збор, со потсетник дека една книга никогаш не губи од својата вредност. И веројатно тоа е една од многуте причини поради кои не можам да разберам зошто некои луѓе сметаат дека местото на книгите им е во ѓубре… Колку и да се обидувам да ја разберам низата на околности кои довеле до тоа, како на пример евентуалната просторна ограниченост во домот, немањето соодветни услови да се чуваат и други слични (бесполезни) изговори, сепак не можам да го оправдам фактот дека некој ја заобиколил опцијата книгите едноставно да ги донира или подари.

За среќа, покрај луѓето кои ги фрлаат книгите, постојат и такви кои ги собираат. За потоа, од собраните наслови да направат цели библиотеки! Иако не знам дали да треба да ме радува тоа дека некој се потрудил и успеал да направи нешто толку убаво, или да треба да ме растажи фактот дека илјадници книги завршуваат во ѓубре, сепак решив да гледам на светлата страна, па со вас да ги споделам овие прекрасни приказни 🙂

Богота, Колумбија
Сè започнало пред повеќе од 20 години, кога Хозе Алберто Гутиерес за прв пат нашол книга фрлена во ѓубре – издание на „Ана Каренина“ од Толстој. Откако решил да ја зачува, се чини дека сите напуштени книги го нашле патот до него, па во текот на две децении работа, тој собрал повеќе од 20.000 книги! Заедно со неговата сопруга решиле да направат библиотека во својот дом, која денес го носи името “Strength of Words” (Силата на зборовите). Хозе израснал во сиромашно семејство, но неговата мајка секоја вечер пред спиење му читала, со што му ја всадила љубовта кон книгите. Дел од книгите кои ги наоѓал биле во многу лоша состојба, па неговата сопруга му помагала да ги реставрира, со што книгите добивале нов лик. Со оглед на тоа дека тој живее во сиромашен дел од Богота, неговата библиотека денес не само што е одлична можност за бесплатен пристап до книги за сите оние кои го сакаат читањето, туку е и место каде многу деца доаѓаат за да ги пишуваат своите домашни задачи. Идејата на Хозе била толку позитивно прифатена, што многу луѓе почнале да донираат книги за неговата библиотека.

Анкара, Турција
Во градскиот отпад во Анкара завршувале толку многу книги, што вработените во комуналната служба решиле да направат библиотека која денес брои повеќе од 6.000 наслови. Првично, самите вработени ги присвојувале книгите не сакајќи истите да завршат во ѓубре, но потоа се родила идејата тие да им дадат нов живот со тоа што ќе направат јавна библиотека достапна за сите. Комуналната служба имала стара зграда со огромен празен простор, која била идеална за да ја реализираат својата идеја. Не само што успеале да ги сочуваат сите фрлени книги, туку вработени ги сортирале и по жанрови, успевајќи на секој наслов да му го најдат соодветното место.

Би можело да ти се допадне и ова...