„Душокршачот“ – Себастијан Фицек

Три жени – млади, прекрасни, полни со живот – исчезнуваат без трага. На психопатот, кој медиумите го нарекуваат „Душокршачот“, му е потребна само една недела да ги уништи. До седмиот ден, жените се ментално мртви, како тела без душа. Никој не знае што им прави, но тие се како живи мртовци.

Кратко пред Божиќ, Душокршачот повторно напаѓа, но овој пат во една ексклузивна психијатриска клиника. Докторите и пациентите се испаничуваат кога сфаќаат дека во клиниката е примен тежок, насилен психопат, особено затоа што никој не знае кој е тој. Од друга страна, страшна снежна бура тотално ја отсекува изолираната клиника, па сите остануваат заробени внатре – со нефункционални телефони – заедно со Душокршачот. Заробени во клиниката, вработените и пациентите се здружуваат за да се заштитат, но во една ноќ полна со незамислив терор, Душокршачот им покажува дека никој не е безбеден и дека ништо не е така како што изгледа.

Мислам дека скоро и да нема читател кој не слушнал за оваа книга, особено затоа што некое време беше прва на листата најпродавани наслови од издавачката куќа Сакам книги, а со оглед на тоа дека сакав да се подновам со некој нов трилер, решив да ја одберам токму оваа при мојата посета на нивната прва книжарница 🙂
Ова е моја прва прочитана книга од Фицек и доволно ми се допадна неговиот стил на пишување за да прочитам и нешто друго со негов потпис. Генерално книгата ми се допадна како беше склопена, ја прочитав брзо и со целосно внимание.
Некои елементи ги предвидов, но сепак тоа не ми го расипа уживањето во читањето. На моменти додека ја читав се чувствував толку клаустрофобично, затоа што совршено можев да си ја замислам секоја сцена што се одвиваше и во некои делови се соживеав со она што го преживуваа ликовите. Приказната е слоевита, што мислам дека е генералниот проблем зошто на некои читатели не им се допаднала и им била too much.

Во прилог одвоив дел од цитатите кои ми останаа забележани, без притоа да откривам премногу од самата содржина за оние кои сè уште не ја прочитале 🙂

„Авторот ги вметнува своите мисли во умовите на неговите читатели. Често и на растојание од илјадници километри, ги тера да гледаат, чувствуваат и откриваат места во кои никогаш порано не биле.“

„Неговите сеќавања беа како парче мебел во празна куќа, чијшто претходен сопственик ги прекрил со правливи платна. Сè до вчера, тој се обидуваше да ги искине платната. Денес, се плашеше дека можеби тие покриваат некоја ужасна вистина.“

„Прашањата фрчеа низ нејзиниот череп како топки билјард.“

„Се случи без предупредување. Биохемиски сигнал на границите на неговото сеќавање ги вклучи светлата. Возот со сеќавањето се приближуваше брзо – премногу брзо за неискористената пруга по која го пробиваше патот до неговата свест. Но тогаш, локомотивата забави.“

Би можело да ти се допадне и ова...