Десет книги со неверојатен дизајн

Иако сите се трудиме да се водиме по мислата дека книгите не треба да ги судиме по корицата, сепак, надворешниот изглед е нешто преку кое го градиме првиот впечаток за некоја книга. Но, креативноста не запира во изгледот на корицата, туку оди многу подалеку. Дотаму што денес имаме книги кои можат да се јадат, или книги од кои можете да насадите дрво 😀 Од сите неверојатно креативни дизајни на книги кои ги видов, ова се десетте кои најмногу ми се допаднаа 🙂

Книга кибрит
Од нејзиното прво објавување во 1953 година, дистопискиот роман на Реј Бредбери доживеа своја екранизација, но и интересни и уникатни изданија. За сите оние кои никогаш не слушнале за Фаренхајт 451, мало појаснување – самиот наслов ја означува температурата на која гори хартијата. Првото интересно издание на оваа книга е дизајн на Елизабет Перез и е налик кибрит – во бројката 1 од насловот стои чкорче, а на самата корица има дел од кој што можете да го запалите чкорчето. Но, не и книгата, секако 😀

Книга видлива само под пламен
Друго издание на истата книга кое исто така е мошне уникатно, е лимитираното издание на холандскиот институт Jan van Eyck Academie. Кога ќе почнете да ја разгледувате книгата, ќе видите дека сите страници целосно се црни. За да можете да го прочитате текстот, ќе мора да искористите пламен 🙂 Имено, книгата е испечатена со мастило кое е чувствително на топлина, а приказната се „открива“ само кога до страниците ќе приближите запалка.

Книга со скриени пораки видливи под УВ светлина
Изданието на P. S. – Secrets of the barguzin skeleton on Behance е изум на унгарскиот графички дизајнер Марон Борзак. Она што ја прави оваа книга уникатна е тоа што е исполнета со невидливи слики и забелешки отпечатени со УВ мастило.
На внатрешноста од книгата е прикачена мала УВ лампа со која читателот може да ги истражува запишаните тајни низ страниците.

Книга од која расте дрво
Она што на прв поглед личи дека е само една обична детска книга, всушност има неверојатна моќ – може да прерасне во дрво! Книгата е дел од кампањата Tree Book Tree, која ја спроведе аргентинската издавачка куќа Pequeno Editor, а има за цел да ги научи децата од каде доаѓаат книгите.
Целото издание е изработено од природни и нетоксични материјали, а низ страниците е вметнато семе од дрвото Јакаранда. Ако ја закопате книгата и почнете правилно да се грижите за семето, тоа ќе прерасне во прекрасно дрво.

Книга видлива само на температура под 0 степени Целзиусови
Ова не е книга која можете да ја читате дома, во удобна фотелја покрај камин 😀 Наспроти црните страници на Фаренхајт 451, кога ќе ја отворите книгата Invisible, ќе видите само бели, празни страници. Сепак, кога ќе излезете надвор на температури под нулата, страниците ќе почнат да се испишуваат со текст. За печатење на книгата е користено специјално мастило чувствително на температура.

Книга чија корица се менува на допир
Rhetoric as the Art of Design е книга која можеби ќе ве збуни 😀 Нејзината корица е целосно црна, но штом ќе ја земете во раце, таа ќе се претвори во милион бои! Составена е од четири слоја, испечатени со мастило кое е чувствително на температура.

Книга која може да се јаде
Korefe and Gerstenberg Publishing имаат уникатна идеја – книга со рецепти која потоа можете буквално да ја зготвите 😀 Специјалното издание на германската дизајнерска фирма е книга каде рецептите се всушност отпечатени врз свежи тестенини, кои потоа можат да се претворат во вкусна лазања.

Книга направена од кафе
Добра книга често оди во комбинација со вкусно кафе 🙂 Coffee Stains од Марта Хејдн е книга која покрај тоа што зборува за здравствените придобивки од кафето, исто така е изработена со кафе. Книгата е всушност дигитално испечатена, а потоа е прелиена со кафе. Целото издание е еколошко и содржи многу интересни илустрации.

Книга која мора да ја уништите за да ја прочитате
Читатели кои ги сметате книгите за нешто скапоцено – затворете очи! Ова издание на расказот на Едгар Алан По со наслов “The Imp of the Perverse”, дизајниран од Хелен Фриел, мора прво да го уништите за да можете да го прочитате. Сите страници се поврзани во мрежа, а на секоја страница недостасуваат делови од текстот. Читателите мораат да ги следат едноставните упатства за кинење и преклопување на одредени делови од книгата, за да можат да го откријат исчезнатиот текст.

Книга која свети во темнина
Овој хрватски изум на Bruketa&Žinić е вушност книга која е дизајнирана на таков начин што нејзиниот текст свети во темнина. На прв поглед, книгата личи на обична бела тетратка, но ако ја погледнете во темнина, веднаш се одвојува дури и во најголемата библиотека што може да постои.

Би можело да ти се допадне и ова...