„Улични библиотеки“ – дали би успеале кај нас?

Замислете – додека одите по улица, некој знак кој вели „Бесплатни книги“ ви го привлекува вниманието. Застанувате и гледате дека знакот стои врз сандаче полно со книги, каде го гледате насловот кој никако не можете да го најдете во библиотеките и книжарниците, а одамна сакате да го прочитате. Токму таа книга сега ви е на дофат, и тоа бесплатно. Ја земате книгата и уште во автобус на пат кон дома почнувате да ја читате. По неколку дена, ја враќате во истото сандаче, заедно со уште 2-3 други книги кои ги донирате во ваквата улична библиотека, за и тие да го најдат својот нареден читател. Звучи толку убаво, зар не? 🙂

„Уличните библиотеки“ се всушност мали колекции на бесплатни книги од каде што слободно можете да позајмите некоја, а потоа да ја вратите, или да ја замените со некоја друга ваша книга. Идејата на ваквите улични библиотеки е да го направат пристапот до книги многу полесен, бидејќи не ви треба членска книшка, никој не води евиденција за тоа која книга сте ја земале, а позајмувањето нема да ве чини ниту денар.

Многу често, ваквите библиотеки почнуваат мошне скромно, со десетина наслови, но бројот на книги постојано се зголемува благодарение на сите љубители на читањето кои даваат свој придонес. Впрочем, ако дома имате книги кои и онака би ги подариле, зошто да не ги донирате во локалната улична бибилиотека?

Вакви библиотеки постојат во многу градови низ светот. Луѓето кои вообичаено позајмуваат книги од нив, велат дека најчесто тоа се наслови кои тешко ги наоѓаат, затоа што се стари изданија, а многумина ова го гледаат како одлична можност да ги донираат книгите за кои повеќе немаат место во домот.
Сè на сè, уличните библиотеки се една прекрасна идеја, која не само што им нуди книги и на оние кои можеби немаат пари за да купат или позајмат од библиотека, туку и успева повеќе да ги зближи сите љубители на читањето кои се послужуваат или допринесуваат кон неа.

Прашањето е – дали една ваква улична библиотека би успеала кај нас?
Едноставно е. Ако не си љубител на книгите, тогаш остави ги тие да си го најдат својот нареден читател. Цени го туѓиот труд и тоа што некој одвоил дел од своето време и средства за да направи едно вакво мало катче. Ако сакаш да читаш, тогаш кон позајмената книга грижи се како кон своја – не ја оштетувај, а откако ќе ја прочиташ, врати ја или пак во најмала мера, замени ја со некоја друга твоја книга.

Ако сакаме нешто вакво навистина да успее, мора да имаме доволно висока свест за кон бесплатните работи да се однесуваме совесно.

Би можело да ти се допадне и ова...