Нови наслови во мојата библиотека

Саемски попуст во книжарница значи едно – се враќам дома со барем неколку нови книги со кои ќе ја збогатам мојата домашна библиотека 🙂 Иако го разгледав каталогот на Култура и тоа што го нуди, сепак немав некоја посебна замисла за тоа што ќе купам, сè додека не влегов во нивната книжарница. Кога имам време, сакам да уживам додека разгледувам низ полиците и изложените книги, пред да се одлучам што ќе одберам.

Не сум некој преголем фан на чик-лит, но одвреме навреме сакам да прочитам некоја таква лесна книга, а Потер важи за едно од најпознатите имиња во овој жанр. „Љубовниот детектив“ и „Со љубов од Париз“ беа во комплет на саемскиот попуст во Култура, па решив да ги купам. Иако можеби нема да ги читам двете, едната секогаш може да се најде како убав подарок за некој кому знам дека би му се допаднала.

„Преправај се и танцувај“ ја имам во електронска верзија на англиски јазик, но сепак решив во домашната библиотека да имам уште една книга од Чемберлен, затоа што ја сакам како авторка, па сакам да му дадам шанса на македонското издание.

Уште една нова книга во мојата библиотека е „Стапица“ од Сандра Браун, која ја добив на подарок 🙂 Многу ми е мило што за прв пат ќе имам можност да ја читам оваа авторка на македонски јазик, особено затоа што еден од моите омилени трилери што воопшто некогаш сум ги читала, е токму книга од Сандра Браун. Веќе ми е следна на листа за читање.

Би можело да ти се допадне и ова...