За недочитаните книги…

Јас сум од оние луѓе кои мразат да ги оставаат работите недовршени до крај и вообичаено тоа важи за сите работи во животот. Освен за книгите.

Повеќето луѓе не сакаат да остават некоја книга недочитана, па се под притисокот да ја довршат по секоја цена, колку и да не им се допаѓа. Читањето го развлекуваат со месеци додека книгата не почне да фаќа прашина на маса, за на крајот веќе да заборават до каде дошле со приказната за да можат да продолжат.

Јас искрено не се сеќавам дали некогаш некоја книга толку долго ми стоела непрочитана. Се случило да ми треба повеќе време за некоја, но заради обврски, а никако заради немање желба. Лесно оставам книги и воопшто не чувствувам должност кон книгата, авторот, себе или кон било кој друг за да ја довршам. Не би можела да замислам да читам книга со сила, без чувство на љубопитност кое ќе ме води низ страниците. Всушност, кога ќе размислам, мислам дека токму задолжителните лектири беа причина зошто многу деца од најмала возраст почнуваат да имаат одбивност кон книгите. Покрај интересните детски книги, се сеќавам дека имаше и такви кои ми беа толку досадни, што едвај ги читав. Една од нив беше „Карлсон лета“ која секогаш ќе ја паметам како мојата прва недочитана книга. Се сеќавам дека едно лето упорно се обидував да ги вртам страниците, збор по збор, реченица по реченица, ама не ми одеше. Ѝ кажав на мајка ми, која на мое големо изненадување, ми рече дека ако не ми е интересна, не морам да ја дочитам 🙂

До ден денес сум со ставот дека читањето треба да биде уживање, а не мачење. Постојат толку многу книги на светов, а ние имаме толку малку време за читање, што навистина е жално да трошиме дел од денот на книги кои не ни се допаѓаат. Сепак, им давам шанса на книгите, не ги оставам од старт, туку се обидувам да се вдлабочам во приказната, да се поврзам со ликовите, да им дозволам на настаните да го добијат правилниот тек. Повеќепати досега сум заклучила дека некои книги на почетокот не ветуваат интересна приказна, но подоцна изненадуваат. И обратно. Имам некоја граница до која одам со читањето, граница која не е одредена по бројот на страни или поглавја, туку едноставно се водам по некое внатрешно чувство. На домашните полици имам повеќе книги кои не сум ги довршила, а за кои не ми е мака, затоа што не ми побудиле чувство на љубопитност за да продолжам понатаму.

Некои луѓе кои сакаат да ги завршуваат сите започнати книги, се водат од ставот дека од секоја книга може да се научи нешто. А она што јас го имам научено од оставените книги е дека не секој треба да биде писател 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...