Книги за кои сум заборавила дека сум ги прочитала

Дали некогаш ви се случило да налетате на книга за која знаете дека сте ја прочитале, ама никако не можете да се сетите на содржината? А дали некогаш сте ја разгледувале вашата листа на прочитани книги и сте виделе наслови кои воопшто не ви се познати? – Мојот одговор на двете прашања е ДА! Особено ако читате десетици книги годишно, не е ни чудно да почнат полека да испаруваат од вашата меморија.

Пред извесно време разгледувајќи низ Goodreads налетав на книга која ми беше обележана како прочитана, а јас никако не можев да се сетам на неа, иако упорно се обидував да ја разбудам меморијата преку нејзината корица и наслов. Па, си се запрашав – колку вакви книги имам на мојата листа? Книги кои ми се тотално непознати, иако сум ги прочитала? Целава ситуација ме поттикна да ја отворам мојата Goodreads листа и да видам уште колку други „непознати“ книги ќе видам.

Па, ова се книгите за кои воопшто не се сеќавам дека некогаш сум ги прочитала:

Raw – Belle Aurora
Најпрво кога го прочитав насловот и ја видов корицата, помислив дека се работи за некоја хорор приказна, или трилер во најмала рака. Ама кога ја отворив на Goodreads сфатив дека е една од оние романси зачинети со еротика, нешто во стилот на Fifty Shades of Grey, полни со клише моменти. Не е ни чудно што сум ѝ дала 2 ѕвездички.

See Jane Die – Erica Spindler
За книгава имам напишано дека е типичен трилер кој сум го оценила со 4 ѕвездички, што воопшто не е ниска оценка. Кратката содржина на Goodreads е навистина кратка, па морав да почнам да ги читам и коментарите за да дознаам нешто повеќе. Искрено, не ми помогна ни тоа, бидејќи воопшто не се сеќавам на ништо од тоа што го прочитав.

Winter Street – Elin Hilderbrand
Се сеќавам дека пред некоја година околу празниците одбрав некоја божиќна книга, ама за волја на вистината – не се сеќавам дека била оваа. Сум ја оценила со 2 ѕвездички.

Fool Me Once – Mona Ingram
Имам некое бледо сеќавање на корицата, а сега откако ја прочитав кратката содржина имам некоја претстава за настаните. Тоа што сум ја оценила само со 1 ѕвездичка, мислам дека е доволна причина да не се ни обидувам да се сетам на книгава.

The Billionaire’s Christmas – J.S. Scott 
Хмм… можеби „божиќната книга“ што ја спомнав погоре била всушност оваа? Како и да е, сум ја оценила со 1 ѕвездичка, така што ништо не сум пропуштила.

The One That Got Away – Simon Wood 
Не ми е јасно како не се сеќавам на ништо од книгава… Ниту на корицата, ниту на насловот, ниту на имињата на ликовите, уште помалку на кратката содржина. Дури си помислив дека по грешка сум ја ставила во “read” листата. Видов дека е трилер, ама воопшто не ја памтам. Ја немам ниту оценето со ѕвездички, па не знам дали и колку ми се допаднала.

Дали фактот дека воопшто не се сеќавам на овие книги, значи дека биле лоши? – Не би рекла. На листава има книга кои дури сум ја оценила со 4 ѕвездички, што е висока оценка и значи дека ми се допаднала. За истата имам напишано и коментар, од кој можам да заклучам дека ми оставила позитивен впечаток и сум ја препорачала на љубителите на тој жанр. Па, која е причината поради која сум ја заборавила? – Искрено, ни самата не знам. Можам да си дадам објаснување за книгите на кои сум им дала ниска оценка, ама не и за оние кои сум ги оценила со повеќе ѕвездички. Има книги кои брзо се читаат, ама и брзо се забораваат. На “read” листата имам многу такви кои се сеќавам дека сум ги прочитала, дури се сеќавам дека ми се допаднале, но не се сеќавам на настаните.

Како и да е, за среќа на располагање го имаме Goodreads, па нема да ни се случи некоја книга да ја читаме по втор пат, затоа што сме заборавиле дека веќе сме ја прочитале 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...