Збор-два за три книги

„Засекогаш твој“ – Даниел Глатауер

Кај книгава ме привлече она што го пишуваше на предната корица: Неколку капки од Стивен Кинг помешани со Хичкок, а сето тоа раскажано со ведар тон. Се чита како да пиеме шприцер во кој има малку арсен. 😀

Даниел Глатауер досега го немам читано, ама го имам сретнато на goodreads во препораките. Конкретно за оваа книга има коментари дека не е толку добра колку другите негови книги, но мене ми беше интересна.
Приказната ја следи Џудит – жена во триесеттите години која случајно го запознава Ханес. Ханес е архитект, не е женет и е во најдобрите години од својот живот. Тој е сонот на секој мајка, принцот на бел коњ. На почетокот Џудит ужива во неговото внимание и љубов, но набрзо се заситува од целата страст и почнува да се чувствува заробено.
Откако ја дочитав прво си реков дека можел да ја разложи малку повеќе, зашто ми се чинеше дека таман навлегов во целата приказна, почна да се расплетува. Ама после па си мислам дека така можеби ќе биде досадна. Во секој случај ми фалеа барем уште неколку поглавја, расплетот некако беше избрзан.


“We Have Always Lived in the Castle” – Shirley Jackson, Jonathan Lethem

Книгава ја раскажува приказната за Мерикет и Констанца – две сестри кои живеат со нивниот чичко, откако го губат нивното семејство поради труење со арсен. Поради осудувањата од луѓето, тие живеат скриени надвор од градот, изолирани од светот.

Ова е нешто поинакво од она што досега сум го читала. Не е баш мој стил, ама решив да ѝ дадам шанса на книгава и искрено не се покајав. Книгава е… не знам како да ја опишам, малку е чудна и creepy. Исто како и самата корица. Иако приказната држи малку морничава атмосфера, имаше и комични моменти, а и ликовите многу ми се допаднаа. Не би пишувала ништо повеќе, затоа што мислам дека би влијаела сугестивно врз секој што би сакал да ја прочита. Само би рекла дека не е за секого, или ќе ви се допадне многу, или едвај ќе ја дочитате 🙂


„Плескање на слугинката“ – Роберт Кувер

Господар и слугинка. Спална соба и бања.
И многу плескање.

Тоа е најкраткиот опис кој можам да ѝ го дадам на книгава 😀

Слугинката доаѓа секое утро и почнува со чистење, додека нејзиниот господар сè уште се протегнува низ креветот. Понекогаш се случува таа ненамерно да ја види неговата утринска ерекција или да го затече во бањата додека ги врши утринските ритуали. И покрај обидите на слугинката сè да биде уредно и чисто, господарот секогаш е незадоволен од тоа како таа ги извршува задачите. Креветот не е добро наместен, подот не е убаво исчистен, прашината не е избришана, нема чисти пешкири во бањата… Затоа, за да ја научи на ред, господарот редовно ја казнува камшикувајќи ја по задникот. Притоа нагласувајќи дека тој воопшто не ужива во самиот чин, туку тоа е неговата задача.

Интересно четиво. Доволно долго за да ја долови идејата, доволно кратко за да не предизвика досада. Мислам дека поминав повеќе време размислувајќи за самата книга, отколку што ми беше потребно да ја прочитам 😀

Би можело да ти се допадне и ова...