„Големи мали лаги“ – Лиен Мориарти 

Џејн е млада, самохрана мајка која сакајќи да почне нов живот, со својот петгодишен син се преселува во мало место на брегот од океанот. Таа се спријателува со темпераментната Меделин која ја зема Џејн под своја закрила и ја запознава со нејзината најдобра пријателка Селест. Сите три се мајки чии деца се дружат и одат во исто училиште. Џејн конечно почнува да го наоѓа својот мир во кругот на новите пријателки, но нејзиното минато кое вешто го крие, ќе се врати и ќе почне да ја прогонува. Во меѓувреме, на еден вечерна забава во училиштето каде се забавуваат родителите, се случува еден трагичен настан кој завршува со нечија смрт.

Книга што се чита во еден здив.
Многу добро скоцкана – од стил на пишување, убаво изградени ликови, интересно опишани ситуации, доза на добар хумор, мистериозни жички што се провлекуваа, па сé до дизајн на корица. Сé беше доведено до перфекција. Лесна, интересна, а истовремено многу интригантна. На многу едноставен начин беа доловени многу сложени околности и односи.

Книгава опфаќа неколку аспекти од секојдневниот живот во една семејна заедница – фасадите на совршенство зад кои се крие реалната слика за ситуацијата во едно семејство, односите помеѓу членовите на семејството, брачните проблеми, тешкотиите со кои се справуваат родителите, нивното влијание врз децата и начинот на воспитување. Истовремено ги прикажува и релациите помеѓу различни семејства – љубомората, зависта, чувството на потреба да се биде доминантен, исмејувањето, искрените пријателства, врските од користољубие, како и меѓусебните конфликти во кои секој си го брани своето. Книгава зборува за ситуациите во кои луѓето на различен начин ги доживуваат настаните, заради своите лични морални вредности и размислувања. Паралелно ни дава слика за различни видувања кон конкретни настани и за тоа колку истите можат да бидат извитоперени, затоа што секој гледа со различни очи.
Разработува проблеми со кои сите секојдневно се среќаваме, но можеби не им обрнуваме толку големо внимание.

Во ниту еден момент не е досадна, ме насмеа, ме растажи, ме замисли, а крајот успеа да ме изненади. Би можела до бескрај да пишувам, да ги анализирам сите ликови, сите ситуации, ама премногу ќе откријам за оние кои сè уште не ја прочитале. Затоа топло ви ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...