Читателски предизвици

Почетокот на годината вобичаено е период во кој си поставуваме секакви животни предизвици, а ако сте љубител на книгите, тогаш веројатно се придружувате кон некаков читателски предизвик 🙂

Пред неколку години за прв пат се приклучив кон 50 Book Challenge и успеав да го исполнам завршувајќи со 51 прочитана книга. Следната година се обидов да се придржувам до еден поинаков предизвик, но не успеав да го завршам, бидејќи не ги исполнив сите категории.

Читателските предизвици се забавни и ве поттикнуваат да читате постојано, но забележав дека кога ќе си поставам одреден предизвик, книгите ги бирам со цел исполнување на зададената бројка, или штиклирање на сите поставени категории. Па така, се „фатив“ себеси како одбегнувам пообемни книги, затоа што нема да можам да ги прочитам во точно определениот рок што го имав поставено, или не одбирав трилер, затоа што веќе ја имав исполнето таа категорија.
Забележав дека предизвиците колку што ме поттикнуваат да читам, толку и ме ограничуваат. И сосема очекувано – останувам разочарана кога ќе видам дека не сум успеала да го исполнам предизвикот. Некогаш имам повеќе слободно време и желба, па една книга можам да ја прочитам буквално во еден ден. Некогаш знам да го развлечам читањето и да ја завршам за три недели. Некогаш имам желба да читам трилери, некогаш бирам само љубовни романи еден по друг, некогаш посегнувам по семејни драми или трогателни приказни – сè во зависност од расположението. Бирањето категории особено ми претставуваше проблем и ми одземаше време, бидејќи тешко наоѓав книги со „автомобил на корицата“, „книга напишана од повеќе од еден автор“ или „книга за некој американски претседател“ која истовремено би ми се допаднала.

Сепак, доколку никогаш не сте се приклучиле кон некаков читателски предизвик, ве советувам барем еднаш да пробате. Можеби ќе ви се допадне 🙂 Може да си поставите одреден број на книги кој сакате да го прочитате до крајот на годината, или некоја ваква листа со одредени категории на книги:

На крајот на краиштата, можете самите да си направите листа од одбрани категории од повеќе листи, во зависност од тоа што би сакале да прочитате 🙂

Јас за оваа година сепак се придружив кон Goodreads предизвикот со малку поскромна бројка која си ја определив, прогнозирајќи ги обврските и слободното време што ќе го имам на располагање. Доколку се одлучите за ваков предизвик, Goodreads е вистинското место каде можете секогаш да следите дали сте во тек со распоредот. Пријатно читање 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...