Печатени или е-книги?

Со оглед на тоа дека веќе 5 години сум верен корисник на Киндл и притоа имам прочитано еден куп е-книги, мислам дека слободно можам да направам паралела меѓу печатените и електронските книги.

Е-книгите стануваат сè повеќе популарни и попродавани од печатените, иако многу читатели сè уште не можат да замислат да го заменат мирисот на страниците со дигитални изданија. И додека едните не се откажуваат од самото чувство да држиш книга во раце, да ги подвиткуваш нејзините страници, да подвлекуваш цитати на кои потоа носталгично ќе се потсетуваш кога и да ја отвориш книгата, другите го гледаат практичниот аспект на електронските читачи кои во својата меморија собираат цела библиотека, а тежат колку кесичка кафе.

За секој љубител на читањето, нема ништо поубаво од грижливо подредени полици со многубројни шарени книги кои евоцираат спомени. Доволно е да ги почувствуваш под дланки, да отвориш некоја од нив и го вдишиш нејзиниот мирис, или можеби да ја прочиташ посветата од тој што ти ја подарил. Тоа е нешто кое никаква современа технологија не може да го замени.

Но, од друга страна, електронските читачи имаат многу свои предности, кои сè повеќе читатели ги согледуваат.Би рекла дека се исплатлива инвестиција за секој кој редовно чита книги, затоа што навистина ќе заштедите пари. Имате пристап до најразлични е-книги и можете да најдете буквално сè што ќе посакате да прочитате. Пристапот до книги е значително полесен, а изборот многу поголем од она што го имате на располагање во библиотеките или книжарниците. Во џеб можете да носите илјадници книги каде и да одите, дневно да читате со часови, а батеријата на е-читачот да ја полните еднаш месечно. И секако, постојат опции за обележување на страниците и зачувување одредени цитати, ако сакате да се навратите на нешто кое ви оставило впечаток.

Многумина ме прашале што е подобро и што би им препорачала – печатена или е-книга. А јас секогаш викам: книга во секаква форма. Постојано го користам мојот Киндл, но често ги посетувам и книжарниците од каде скоро никогаш не излегувам со празни раце. Фолдерот на мојот компјутер содржи повеќе од 1500 книги, но полиците на нашата библиотека редовно ги збогатувам со нови наслови. Читам печатени, читам е-книги, а понекогаш дури и аудио книги. Со текот на времето сфатив дека формата и не е толку важна, кога човек навистина сака да чита 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...